РУШЕН РЕКОРД „Златен стрип“ никогаш не бил поголем – еве ги сите победници на велешкиот стрип-салон

Автори од Македонија, Балканот, Азија и Африка се натпреваруваа на историското издание, а на свеченоста во Велес беа прогласени најдобрите дела.

РУШЕН РЕКОРД „Златен стрип“ никогаш не бил поголем – еве ги сите победници на велешкиот стрип-салон
Фото: Принтскрин

Најновото, XXIII издание на Меѓународниот стрип-салон и традиционалната стрип-колонија, во организација на Стрип-центарот на Македонија (СЦМ-Велес), започна со историски резултати на меѓународниот конкурс „Златен стрип“. Годинава пристигна рекорден број пријавени дела од автори од Македонија и од целиот свет, со што конкурсот го достигна својот досегашен врв по масовност.

Стрип-салонот во Велес продолжува доследно да го промовира стрипот како самостојна културна и уметничка форма, со фокус на автентичниот деветти медиум. За разлика од други сегменти на поп-културата, како гејмингот, анимацијата, друштвените игри и музиката, кои често се преплетуваат, Салонот го става стрипот во центарот на својата програма. И самиот стрип, како медиум, опфаќа различни културни, општествени и уметнички изрази.

Манифестациите се реализираат со финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Велес.

Според Томе Трајков од организацискиот тим, бројот на пристигнати пријави годинава значително го надминал минатогодишниот рекорд од 497 дела. Во конкурсот учествуваат автори од различни генерации и од повеќе македонски градови, што ја потврдува силата и континуитетот на домашната стрип-сцена. Истовремено, конкурсот има изразен меѓународен карактер, со учесници од балканските земји, Полска, азиските држави, Нигерија и други делови од светот.

Централниот настан и свеченото отворање на Меѓународниот стрип-салон, заедно со прогласувањето на најдобрите дела, се одржаа на 19 август во Европската куќа во Велес.

Во продолжение е официјалниот список на наградените автори и дела на XXIII Меѓународен салон на стрип – Велес 2026:

Главни награди „Златен стрип“

  • Прва награда: „Вечно“ – Марко Стојановиќ (сценарио, Србија), Милорад Вицановиќ Маза (цртеж, БиХ) и Аљоша Томиќ (колор, БиХ)
  • Втора награда: „Зимата на Арапахосите“ – Кристијан Секулиќ (Нови Сад, Србија)
  • Трета награда: „Љубовта е тешка работа“ – Дуда Вукојев (сценарио, Србија) и Драган Павасовиќ (цртеж, Хрватска)

Специјални награди по категории

  • Најдобро сценарио: „Светот ни припаѓа на сите нам“ – Хулја Колук (Турција)
  • Најдобар цртеж: „Мечтаење“ – Александар Танчовски (Скопје, Македонија)
  • Најдобар уметнички израз: „На граница“ – Марко Стојановиќ (сценарио) и Марко Николиќ (цртеж), Србија
  • Специјална награда за експериментален израз: „Песок во грло“ – Филипа Сара Попова, Ана Кнежевиќ и Марко Трпески (Скопје, Македонија)
  • Најдобар дебитантски стрип: „Ѕвездена мисија“ – Христина Крстиновска (Ресен, Македонија)
  • Најдобар ментор: Шенер Далиповски (Ресен, Македонија)

Возрасни признанија

  • Најмлад учесник: Лав Стојановиќ (7 години), Лесковац, Србија
  • Највозрасен учесник: Тоде Блажевски, Скопје, Македонија

Специјални награди за млади автори

Во соработка со Europe House – Велес

  • „Обраснато“ – Матеа Аризановска (Скопје, Македонија)
  • „Сараево сафари“ – Александар Бараковски (Скопје, Македонија)
  • „Напивката“ – Марија Тошевска (Скопје, Македонија)

Награди и дипломи по возрасни категории

Категорија до 14 години:

  • Награда за најдобар стрип: „Девојките на Марко“ – Ана Василева (Радовиш, Македонија)
  • Диплома за стрип во категоријата: „Мјаул“ – Теона Чаловска (Битола, Македонија)
  • Диплома за стрип од друга држава: „Без наслов“ – Маша Станојевиќ (Рашка, Србија)

Категорија до 18 години:

  • Награда за најдобар стрип: „Така е пишано“ – Јасмина Јовчевска (Скопје, Македонија)
  • Диплома за стрип во категоријата: „Трошки надеж“ – Ива Давидовска (Крива Паланка, Македонија)
  • Диплома за стрип од друга држава: „Тајната на источниот блок“ – Јоана Кирку (Грција)

Со рекордниот број учесници и разновидноста на пристигнатите дела, годинашното издание на велешкиот стрип-салон уште еднаш ја потврди позицијата на манифестацијата како значаен центар за развој и афирмација на стрип-културата во Македонија и пошироко.

CATEGORIES
Share This