БАЧЕВ СО ЧЕСТИТКА ЗА 8 СЕПТЕМВРИ: 34 години независна држава, 30 години под марионетски власти
8 Септември нè задолжува - да победиме. Честит нека ни е Денот на независноста, да си ја вратиме државата назад - Македонија национална држава на македонскиот народ со гарантирана положба на малцинствата според меѓународното право.

Република Македонија денес одбележува 34 години независност. Но, наместо празнична радост, македонскиот народ и државјаните чувствуваат тага и разочараност. Независноста, која требаше да значи слобода и достоинство, е обесмислена со погубните политики на марионетските власти во Скопје, инсталирани и контролирани од странски центри во последните три децении. Кулминацијата на овие предавства беше со Зоран Заев и антимакедонските договори со Грција и Бугарија.
Со тие договори е избришано сè што е македонско: На Грција ѝ ја подаривме древната македонска историја. На Бугарија ѝ ја предадоа средновековната и илинденската историја. Се менува името, идентитетот, јазикот, културата и традицијата. Се откажуваат Македонците од Егејска и Пиринска Македонија.
Сето ова е сторено спротивно на волјата на народот, кој на референдумот во 2018 година јасно кажа „НЕ“, додека власта кажа „ДА“.
Во изминатите 30 години, наместо развој и просперитет, Македонија беше заробена од беззаконие, корупција и криминал. Местото на гордоста и радоста што треба да ја носи 8 Септември, денот на независноста, денес го зазема чувството на понижување.
Единствена Македонија ветува: Враќање на државата на изворните илинденски и асномски принципи од Уставот од 1991 година. Поништување на сите штетни договори кои се против македонскиот народ и македонската држава. Борба за Македонија како национална држава, со почитување на малцинските права според меѓународното право – онака како што е уредено и во современите европски држави во Европската Унија.
Македонија е наша татковина и наш дом. Како што се бориме за своите домови, така ќе се бориме и против непријателите на македонското дело.
8 Септември нè задолжува – да победиме. Честит нека ни е Денот на независноста, да си ја вратиме државата назад – Македонија национална држава на македонскиот народ со гарантирана положба на малцинствата според меѓународното право.
