БАНКИТЕ СО ОГРАНИЧУВАЊА ЗА ВИКЕНДОТ Еве кои услуги нема да функционираат

Поради воведување нови стандарди во денарскиот платен промет, денеска и утре ќе има привремени прекини во дел од банкарските услуги.

БАНКИТЕ СО ОГРАНИЧУВАЊА ЗА ВИКЕНДОТ Еве кои услуги нема да функционираат
Фото: Принтскрин

Дел од банкарските услуги ќе бидат привремено ограничени во текот на викендот, 7 и 8 ноември. Причината се техничките подготовки за воведување нови стандарди во денарскиот платен промет, чија примена започнува од понеделник, 9 ноември. Од Македонската банкарска асоцијација информираат дека ограничувањата главно ќе ги опфатат платежните трансакции, а секоја банка одделно ги објавува термините и услугите што ќе бидат засегнати.

Од Стопанска банка Скопје информираат дека денеска налозите преку електронското банкарство ќе можат да се креираат најдоцна до 14 часот. По овој термин нема да биде можно креирање налози ниту за тековен ниту за иден датум. Ограничувањето ќе продолжи и во текот на утрешниот ден, сè до повторното воспоставување на системот на 9 ноември.

Сепак, платежните картички ќе останат целосно функционални. Клиентите ќе можат непречено да плаќаат на ПОС-терминали, како и да подигнуваат и уплаќаат готовина преку банкоматите.

И НЛБ банка најави ограничена достапност на дигиталните услуги. Од денеска во 10 часот, па во текот на целиот викенд, интернет- и мобилното банкарство ќе функционираат со ограничувања. Целосно ќе бидат недостапни уплатите на банкоматите, додека подигнувањето готовина ќе се одвива непречено. Плаќањата со картички на ПОС-терминали во трговската мрежа, како и интернет-плаќањата, ќе останат достапни.

Од понеделник, 9 ноември, започнува примената на новите платни налози, шифрите за целта на плаќањето и користењето платежни сметки во ИБАН-формат. Од Македонската банкарска асоцијација појаснуваат дека постојните броеви на сметките нема да се менуваат. Банките автоматски ќе го приспособат нивното прикажување во новиот формат во електронското и мобилното банкарство.

Станува збор за однапред планирани технички активности во рамките на модернизацијата на националниот платен промет, поради што граѓаните и компаниите се повикуваат навреме да ги реализираат плаќањата и да ги следат известувањата од своите банки.

CATEGORIES
Share This