АТЛЕТИКО Е БЕСЕН Нула отсто шанси Алварез да оди во Барселона
Лапорта не се откажува и држи 100 милиони евра на маса, но од Мадрид стигна жесток одговор.

Барселона и понатаму не се откажува од намерата да го доведе Хулијан Алварез, но Атлетико Мадрид останува цврсто на ставот дека аргентинскиот напаѓач не е на продажба.
Сагата доби нов пресврт по изјавите на претседателот на Барселона, Џоан Лапорта, кој потврди дека каталонскиот клуб и понатаму е сериозно заинтересиран за Алварез и дека понудата од 100 милиони евра останува валидна.
„Доколку се подготвени да го продадат играчот во овој преоден рок, ние сме подготвени да го купиме, под услов да постигнеме договор за понудата што ја испративме“, изјави Лапорта.
Тој откри и дека лично разговарал со извршниот директор на Атлетико, Мигел Анхел Хил Марин, кој му порачал дека клубот нема намера да го продаде Алварез бидејќи во моментов нема соодветна замена за него.
Сепак, Барселона повторно се активирала откако добила информации дека Атлетико разговара со други клубови за евентуален трансфер на Аргентинецот, меѓу кои и Арсенал.
„Добивме информација дека Атлетико преговара со други клубови за играчот. Ние стоиме зад нашата понуда. Таа сè уште важи доколку Атлетико одлучи да го продаде“, рече Лапорта.
Атлетико со жесток одговор
Одговорот од Мадрид беше остар. Според „Марка“, од Атлетико јасно ставиле до знаење дека шансите Алварез да заврши во Барселона се практично непостоечки.
„Нула отсто“ се шансите за трансферот, е ставот на мадридскиот клуб.
Од Атлетико дополнително порачаа дека клубот се чувствува како жртва во целата ситуација и дека случајот му нанел финансиска и репутациска штета.
„Не станува збор за пари, туку за достоинство. Создадена е кампања полна со лаги и полувистини, а единствениот што ја плаќа цената за сè е Атлетико“, порачаа од клубот.
Мадридскиот клуб е особено незадоволен од однесувањето на менаџерот на Алварез, Фернандо Идалго, но и од Барселона, која според нивниот став со месеци влијаела врз ситуацијата околу аргентинскиот репрезентативец.
Атлетико планира и да ја дополни претходно поднесената пријава со нови информации поврзани со потезите на Барселона и менаџерот на фудбалерот.
Одби нов договор
Според информациите од Шпанија, Алварез во март одбил понуда за продолжување на договорот со Атлетико, со која неговата годишна плата би се зголемила од седум на десет милиони евра.
Клубот тогаш бил подготвен да размисли за негово заминување доколку до 20 јуни пристигне понуда од 150 милиони евра, без дополнителни провизии. Таква понуда, сепак, не пристигнала.
Дополнителна неизвесност предизвика и фактот што Алварез не се појавил на тренингот на Атлетико во средата поради здравствени проблеми. Клубот соопшти дека ќе му ја обезбеди целата потребна медицинска помош за да се врати целосно подготвен.
Во Барселона, пак, Алварез го сметаат за приоритетно засилување во нападот и, според шпанските медиуми, не планираат да донесат друга опција доколку трансферот на Аргентинецот пропадне.
Засега, двете страни остануваат на спротивставени позиции и Барселона ја држи понудата од 100 милиони евра, додека Атлетико порачува дека нема намера да попушти.

