НЕ БЕШЕ САМО ФИЛМ „Руини“ отвори болна приказна за споменикот, таткото и заборавот

Исполнетиот Куршумли ан сведочеше на силна македонска премиера на „МакеДокс“,

НЕ БЕШЕ САМО ФИЛМ „Руини“ отвори болна приказна за споменикот, таткото и заборавот
Фото: Принтскрин

Македонската премиера на долгометражниот документарен филм „Руини“ на визуелната уметница и истражувачка Елена Чемерска се одржа на 24 август во Куршумли ан, во рамките на 17. издание на фестивалот „МакеДокс“. Како и секогаш кога станува збор за македонските премиери на фестивалот, интересот кај публиката беше голем, а Куршумли ан беше исполнет до последното место.

„Руини“ е интимна приказна во која личната загуба, семејната меморија и колективното сеќавање се испреплетуваат со обидот за реставрација на модернистички споменик.

Враќајќи се во Македонија за да го реставрира „Споменикот на слободата“ во Кочани, дело на нејзиниот покоен татко, Чемерска постепено открива дека обновувањето на архитектонското наследство е неразделно од соочувањето со сопствената тага. Архивските снимки од нејзиното семејство се преплетуваат со процесот на реставрација, претворајќи го споменикот во место каде што се среќаваат личната меморија, историјата и идентитетот.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар и РТВ Словенија, во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од „Хартефакт фонд“. Продуцент е „Синема футура“, во копродукција со „Минимал колектив“ од Македонија, „Рестарт“ од Хрватска и „Потем“ од Словенија, и во соработка со „Филмтрик“.

Продуценти на филмот се Иван Унковски, Ивана Шекуткоска и Елена Чемерска, копродуценти се Оливер Сертиќ и Ивана Нацева, а извршен продуцент е Атанас Георгиев. Кинематографери се Ѓорѓи Клинчаров и Марина Колоска, монтажата ја потпишуваат Владимир Гојун и Горјан Атанасов, музиката е на Игор Василев Новоградска, а дизајнер на звук е Лука Гамулин.

На премиерата присуствуваше и голем дел од филмската екипа, која заедно со режисерката го проследи филмот во исполнетиот Куршумли ан.

По проекцијата, Чемерска упати искрена благодарност до целата екипа и до публиката. Таа раскажа дека иницијално започнала со подготовка на проектите за ревитализација на „Споменикот на слободата“ во Кочани, но во текот на работата ги открила видеоархивите со нејзиното семејство. Токму тие снимки, како што објасни, ја добиле „душата“ на филмот.

Чемерска тогаш сфатила дека за да ги преточи своите идеи во филмска форма, треба да го совлада јазикот на документарниот филм. Паралелно со снимањето, таа продолжила да работи и на своите уметнички проекти, за кои, како што истакна, е потребна посебна концентрација.

Во разговорот со публиката беше посочена и силната врска меѓу личното и политичкото во филмот. Една од посетителките истакна дека „Руини“ покажува како „личното е политичко и политичкото е лично“, особено преку препреките со кои Чемерска се соочувала при обидите да ги добие потребните дозволи од институциите за реставрација на споменикот.

Денес, по неговата реставрација, споменикот повторно се користи како простор за уметнички фестивали и културни настани. Публиката ѝ се заблагодари на Чемерска за нејзината истрајност и борбеност целиот процес да го доведе до крај.

Зборувајќи за значењето на споменикот, Чемерска истакна дека секој споменик живее само кога луѓето се околу него. Кога во неговиот простор има уметност, таа предизвикува емоции и создава можност луѓето повторно да се поврзат со него.

„Руини“ е втората македонска премиера на 17. „МакеДокс“.

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ се одржува од 20 до 27 август на повеќе локации во Скопје – Куршумли ан, Музејот на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албанскиот театар.

Комплетната програма на 17. „МакеДокс“ е достапна на официјалниот сајт на фестивалот.

CATEGORIES
Share This