АРКТИКОТ СТАНУВА СЦЕНА ЗА ГОЛЕМАТА ИГРА – ЕУ и Гренланд потпишаа договор од 200 милиони евра
Лајен нагласи дека Гренланд може да смета на ЕУ.

Европската Унија и Гренланд денеска потпишаа Договор за партнерство вреден околу 200 милиони евра, со кој се предвидува продлабочување на соработката и стратешки развој на Гренланд.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека Гренланд може да смета на поддршката на ЕУ и дека новиот пакет претставува конкретен резултат од досегашната соработка.
„Гренланд може да смета на ЕУ. Тоа беше мојата порака за време на мојата последна посета. Денеска се вратив за да доставам вистински резултати од нашата тесна соработка“, изјави Лајен.
Партнерството опфаќа повеќе стратешки области, меѓу кои дигиталната поврзаност, одржливото рударство, енергетиката, туризмот, образованието, рибарството и домувањето.
Според Лајен, договорот ќе отвори нови можности и ќе придонесе за посилно присуство и ангажман на ЕУ на Гренланд и во поширокиот Арктички регион.
„Гренланд е стратешки сојузник и сигурен пријател“, нагласи претседателката на Европската комисија.
Лајен вчера пристигна во Гренланд, а нејзината посета се совпаѓа со почетокот на воената вежба на НАТО „Арктички штит“, во која учествуваат војници од 10 земји.
Европската комисија дополнително го зајакна своето присуство во Гренланд во март 2024 година, кога Лајен ја отвори канцеларијата на Комисијата во главниот град Нук.

