12.000 ЕВРА КВАДРАТ Кој може да си дозволи

Најскапиот стан во Србија годинава продаден за 2,6 милиони евра.

12.000 ЕВРА КВАДРАТ Кој може да си дозволи
Фото: Принтскрин

Пазарот на недвижности во Србија продолжи да расте во првата половина од 2026 година, при што најскапиот продаден стан достигнал цена од 2,6 милиони евра. Станот се наоѓа во белградската општина Стари Град, каде е регистрирана и највисоката цена по квадратен метар – 12.000 евра, соопшти Републичкиот геодетски завод (РГЗ).

Најскапата куќа во првите шест месеци од годинава е продадена за 2,1 милион евра на територијата на општина Савски Венац. Најскапиот гаражен простор, пак, бил платен 77.000 евра, исто така во Стари Град.

Вкупната вредност на трансакциите на пазарот на недвижности во Србија во првата половина од 2026 година достигнала 4,2 милијарди евра, што е раст од 10,1 отсто во однос на истиот период лани.

Во периодот јануари-јуни биле склучени 61.343 купопродажни договори, или 0,2 отсто повеќе во споредба со првата половина од 2025 година.

Според РГЗ, продолжува и умерениот раст на цените на становите, со годишна стапка од 5,25 отсто.

Најголем дел од средствата на пазарот на недвижности биле вложени во станови – 2,5 милијарди евра, односно 61 отсто од вкупната тргувана вредност.

За купување куќи биле издвоени 328 милиони евра, што претставува осум отсто од вкупната вредност. Во градежно земјиште биле вложени 282,8 милиони евра или седум отсто, додека за деловен простор биле потрошени 212,9 милиони евра, односно пет отсто.

На земјоделско земјиште отпаѓале 125,6 милиони евра или три отсто од вкупната вредност на трансакциите.

CATEGORIES
Share This