ОД 16,8% НА 2,6% Инфлацијата во Македонија драстично падна
Владата вели дека ценовниот притисок значително е намален, а Македонија втор месец по ред има пониска инфлација од еврозоната.

Инфлацијата во Македонија во август се намали на 2,6 отсто, соопшти Владата, оценувајќи дека податоците укажуваат на продолжување на стабилизацијата на цените и подобрување на економските движења. За споредба, во август 2022 година годишната стапка на инфлација изнесуваше дури 16,8 отсто. Тоа, според Владата, покажува значително намалување на инфлациските притисоци во изминатиот период.
Особено се истакнува споредбата со еврозоната. Според досега објавените податоци на Евростат, годишната инфлација во еврозоната во август се проценува на 3,3 отсто, наспроти 2,6 отсто во Македонија. Во јули, инфлацијата во еврозоната изнесуваше 2,9 отсто, додека кај нас беше 2,3 отсто. Со тоа, Македонија втор месец по ред бележи пониска инфлација од еврозоната, наведуваат од Владата.
Според податоците на Евростат, во август пониска инфлација од Македонија имаат Финска со 2,4 отсто, Малта со 1,9 отсто и Естонија со 1,3 отсто. Од друга страна, повисоки стапки се регистрирани во Бугарија од 5,1 отсто, Шпанија 4,5 отсто, Белгија 4,2 отсто, Хрватска и Грција по 3,7 отсто, Словенија 3,4 отсто, Италија 3,2 отсто и Германија 2,9 отсто.
Владата посочува дека податоците добиваат дополнителна тежина поради повторното зголемување на инфлацијата во еврозоната. Од 2,9 отсто во јули, таа во август достигна проценети 3,3 отсто, при што енергетската компонента бележи годишен раст од 14,3 отсто.
Покрај стабилизирањето на инфлацијата, Владата го издвојува и растот на индустриското производство. Во јули индустријата пораснала за 1,3 отсто на годишно ниво, додека во првите седум месеци од 2026 година е регистриран раст од 0,9 отсто.
Од „Илинденска“ велат дека економските показатели треба да се разгледуваат заедно – намалувањето на инфлацијата, растот на индустриското производство и економскиот раст, со оценка дека тие укажуваат на стабилизирање на економијата.
Владата најавува продолжување на политиките насочени кон стабилност на цените, заштита на животниот стандард, раст на платите и пензиите, привлекување нови инвестиции и забрзување на економскиот раст.
Од инфлација од 16,8 отсто во август 2022 година до 2,6 отсто во август 2026 година Владата ова го оценува како премин „од ценовни шокови кон стабилизација“ и „од економска неизвесност кон раст и поголема предвидливост“.

