ЈАМАЛ ОТВОРЕНО Јас и Мбапе сме најдобри, но Златната топка ја заслужувам јас
Ѕвездата на Барселона не се плаши од големи изјави: на само 19 години сака да влезе во историјата и најавува уште поголеми успеси.

Ламине Јамал не ги крие големите амбиции. Младиот фудбалер на Барселона е свесен дека веќе се наоѓа меѓу најголемите светски фудбалски ѕвезди, но смета дека е време да направи уште еден чекор и да ја освои најпрестижната индивидуална награда – Златната топка.
Јамал без двоумење ги издвои своето име и Килијан Мбапе како двајца од најдобрите фудбалери во светот, но потоа испрати уште посилна порака.
„Килијан Мбапе и јас сме двајцата најдобри играчи во светот. Но, оваа година верувам дека заслужувам да ја освојам Златната топка“, изјави Јамал.
Иако има само 19 години, Шпанецот веќе размислува како фудбалер кој сака да остави трага во историјата. Освоените трофеи и досегашните успеси не му се доволни, а особено жали што, според неговите критериуми, можел да направи повеќе на Светското првенство.
„За друг играч, мојот настап на Светското првенство би бил одличен, но не и за мене“, вели Јамал.
Токму затоа со нетрпение го очекува следниот Мундијал и новата шанса да покаже што може.
„Навистина сакам следното да дојде“, додаде младиот Шпанец, мислејќи на следното Светско првенство.
Јамал е убеден дека неговиот фудбалски развој е нешто поинакво од она што сме го гледале досега. Тој ги почитува легендите како Лионел Меси, Кристијано Роналдо и Диего Марадона, но смета дека неговите достигнувања на толку млада возраст се речиси без преседан.
„Постојат историски играчи како Меси, Кристијано и Марадона, но не мислам дека некогаш се случило некој да освои толку многу на толку млада возраст“, рече тој.
Сепак, Јамал не планира да се задоволи со досегашниот успех. Напротив, свесен е дека доколку сака да остане запаметен како еден од најголемите, мора да продолжи со уште поголема работа.
„Луѓето имаат став дека можеби ќе се опуштам во одреден момент затоа што веќе освоив толку многу. Но, знам дека сè уште имам илјада работи да направам за да останам во историјата на фудбалот“, порача Јамал.

