АЛБЕРТА НА ЧЕКОР ДО ОТЦЕПУВАЊЕ – Канадскиот премиер алармира „опасен блеф“
Референдумскиот процес може да стане клучен тест за единството на канадската федерација.

Канадскиот премиер Марк Карни го оцени најавениот референдум во Алберта за евентуално отцепување од Канада како „опасен блеф“, споредувајќи го со Брегзит, кој доведе до излегување на Обединетото Кралство од Европската Унија.
Карни, кој за време на Брегзит ја предводеше Банката на Англија, предупреди дека и по речиси една деценија Велика Британија сè уште се соочува со последиците од одлука за која, како што рече, „многумина не биле целосно свесни за што гласаат“.
Тој нагласи дека идејата за отцепување не треба да се користи како политичка алатка за притисок врз федералната влада во Отава, предупредувајќи дека таквите потези може да имаат сериозни несакани последици.
Во Алберта е најавено прво консултативно гласање на 19 октомври, на кое граѓаните ќе се изјаснат дали покраината треба да остане во Канада, по што, во зависност од исходот, би можело да следи и обврзувачки референдум за отцепување.
Карни во понеделникот порача дека ќе се залага за зачувување на единството на државата, истакнувајќи дека Алберта има „силна и позитивна иднина како дел од обединета Канада“.
Поддржувачите на независноста тврдат дека Алберта, како нафтено богата покраина, е економски ограничена од федералните еколошки политики и од одлуките на Отава кои го забавуваат развојот на енергетски проекти.
Сепак, според анкета на компанијата „Ангус Рид“, околу 60 отсто од жителите на Алберта би гласале за останување во Канада.
Случајот често се споредува со Брегзит, кога во 2016 година 52 отсто од Британците гласаа за напуштање на ЕУ, што доведе до официјален излез во 2020 година, додека дебатите за последиците продолжуваат и денес.
ЌЕ СЕ РАСПАДНЕ ЛИ КАНАДА – Покраината Алберта подготвува референдум за отцепување
