АЛАРМ ВО ПЛАСНИЦА Не ја пијте водата од водоводот
Лабораториските анализи покажале бактериолошко загадување, граѓаните се повикуваат привремено да не ја користат водата за пиење и подготовка на храна.

Жителите на Општина Пласница привремено да не ја користат водата од јавниот водовод за пиење, готвење и подготовка на храна. Препораката е издадена откако лабораториските анализи покажале присуство на бактериско загадување.
Според надлежните служби, водата во моментов не ги исполнува потребните здравствени стандарди за безбедна употреба. Поради тоа, граѓаните се советуваат да не ја консумираат до завршување на дополнителните проверки.
Во меѓувреме, се преземаат активности за утврдување на причината за бактериолошката контаминација и за санирање на состојбата во водоводниот систем. По завршувањето на интервенциите, повторно ќе бидат земени мостри за анализа, со цел да се утврди дали водата е повторно безбедна за употреба.
Надлежните апелираат до граѓаните да ги почитуваат препораките и до следното официјално известување да користат алтернативни извори на вода за пиење и подготовка на храна.
За евентуалното укинување на препораката, јавноста ќе биде навремено информирана по добивањето на резултатите од новите анализи.


