АКО Е ТОА ТОЧНО, ПРАШАЈТЕ ЈА ЕУ ЗОШТО Мицкоски за наводното изоставување на Македонија
Премиерот вели дека нема информации оти четири земји ќе добијат патокази, а Македонија не.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека нема информации оти Македонија ќе биде изоставена од патоказите за пристапување во Европската Унија, откако „Политико“ објави дека патокази би можеле да добијат Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија.
Мицкоски оцени дека, доколку информацијата е точна, прашањето треба да ѝ биде поставено на Европската Унија. Според него, тоа би било нелогично со оглед на резултатите што, како што рече, Македонија ги постигнала во рамки на Реформската агенда и Планот за раст.
„Имајќи предвид дека ние испорачавме најголем дел од реформите што се дел од Реформската агенда и Планот за раст веќе во два извештајни периоди, и ако пристапувањето во ЕУ е процес во кој се оценува врз основа на заслуги, за мене ова е нелогично. Затоа треба да видиме дали е така или не е. Моите информации велат дека не е така“, рече Мицкоски.
Мицкоски: Загрижен сум и за иднината на ЕУ
Премиерот посочи дека, покрај процесот на европска интеграција на Македонија, треба да се следат и пошироките политички случувања во самата Европска Унија и нејзиното соседство. Тој ги спомена политичките промени во Германија, претстојните претседателски избори во Франција, состојбите поврзани со проширувањето, како и војните во Украина и Блискиот Исток.
Мицкоски оцени дека ваквите случувања треба да бидат земени предвид при креирањето на политиките на Владата.
„Кога правите план каква политика да водите, треба да ги имате предвид случувањата во соседството, но и во поширокото соседство, односно во Европската Унија. Ова е некаков индикатор врз основа на кој ќе треба да ги градиме политиките во периодот што следи“, порача премиерот.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи да ги исполнува домашните обврски, без оглед на политичките процеси во ЕУ.
„Ние нашата домашна задача ќе ја работиме, другото не е до нас“, рече Мицкоски.
Средба со фон дер Лајен во петок
Мицкоски најави дека на средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе разговара и за актуелната состојба со проширувањето на ЕУ и предизвиците што следуваат.
Тој повтори дека нема потврдена информација оти Македонија нема да добие патоказ и дека објавата на „Политико“ треба да се разгледа во контекст на официјалните информации од европските институции.
„Условите ги прифати претходната Влада“
Во вчерашното интервју за „Алфа“, Мицкоски зборуваше и за односите со европските партнери и условите со кои Македонија се соочува во процесот на европска интеграција. Тој порача дека прашањето треба да се разгледува рационално и без емоции, посочувајќи дека дел од условите биле прифатени од претходни влади.
„Да бидеме реални, настрана чувствата и емоциите ова е сепак сериозен свет и таму треба да се остават емоциите настрана и да видиме што вели разумот“, рече Мицкоски.
Според него, Македонија треба да продолжи да се бори за подобрување на својата позиција во процесот на европска интеграција.
„Ние мораме да се бориме. Тоа што е погрешено, чекор по чекор да го враќаме“, порача премиерот.
Мицкоски оцени и дека процесот ќе биде долг и дека секоја генерација треба да придонесе во надминувањето на отворените прашања.
Тој истовремено порача дека европските партнери, според него, се свесни за позицијата на Македонија, но дека во разговорите со Брисел постојано се соочуваат со аргументот дека дел од преземените обврски биле прифатени од македонска страна.
МИЦКОСКИ ПРЕДУПРЕДУВА Една работа може да го запали целиот Балкан

