ЈАКИМОВСКИ ОТКРИ ДЕТАЛИ ЗА БОРБАТА СО БОЛЕСТА Нека го проверат моето медицинско досие, немам што да кријам

Градоначалникот на Карпош тврди дека повеќе од една деценија се лекува од карцином и бара независен меѓународен тим да ја провери целата медицинска документација.

ЈАКИМОВСКИ ОТКРИ ДЕТАЛИ ЗА БОРБАТА СО БОЛЕСТА Нека го проверат моето медицинско досие, немам што да кријам
Фото: Принтскрин

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, упати остра реакција кон гинекологот Ненад Лазаров по неговите јавни коментари поврзани со здравствената состојба на Јакимовски. Во објава на социјалните мрежи, Јакимовски тврди дека неговото медицинско досие е целосно документирано и дека повеќе од една деценија се лекува од карцином. Тој наведува дека првата операција ја имал во 2012 година, а во следните години поминал низ повеќе оперативни интервенции, цистоскопски контроли и терапија со БСЖ вакцина.

Според неговите тврдења, во 2018 година бил опериран од карцином на мочниот меур, а болеста повторно се појавила во 2024 година, по што продолжил со редовни терапии и контроли. Јакимовски посочува и дека во февруари 2023 година бил опериран од карцином на белите дробови. Тој ги отфрла наводите дека неговите медицински наоди се платени или лажни, истакнувајќи дека во процесот на дијагностицирање и лекување учествувале повеќе од 30 патолози, радиолози и хирурзи од Македонија и странство.

„Моето медицинско досие во секое време може да биде доставено на проверка“, наведува Јакимовски, додавајќи дека е подготвен да се формира независен меѓународен конзилиум составен од тројца уролози и тројца патолози кои би ја разгледале документацијата, снимките од интервенциите и патохистолошките примероци“.

Во исто време, тој предлага независна проверка и на медицинската документација на Сотир Лукровски, со цел, како што вели, јавноста да дознае „кој навистина е болен, а кој евентуално симулирал болест“. Во објавата Јакимовски се осврнува и на политички теми, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ дека пресудата против него е политички мотивирана и дека датумот за неговото упатување во затвор бил избран од политички причини.

Тој ги споменува предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, како и случајот со „Белата палата“, упатувајќи критики кон партијата за, како што наведува, двојни стандарди. Јакимовски потенцира дека никогаш не ја користел својата здравствена состојба за да избегне судски постапки и дека, и покрај лекувањето, продолжил да ги извршува градоначалничките обврски.

„Подготвен сум фактите да се утврдат до крај, преку независна стручна анализа“, порача Јакимовски.

Тој додава дека јавноста има право да знае дали медицинските состојби и боледувањата на јавните функционери се основани.

CATEGORIES
TAGS
Share This