АКЦИЈА ВО ЦАРИНА Помошник-директор приведен, барал 17.500 евра за јавни набавки
По пријава од граѓанин, ОЈО ГОКК и полицијата спроведоа акција – осомничениот се товари за примање поткуп и противзаконито влијание.

Службено лице – помошник-директор на Секторот за административно-технички работи во Царинската управа е лишено од слобода во акција на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и полицијата. Акцијата била реализирана по пријава од граѓанин, а според обвинителството, досега прибраните докази упатуваат на основано сомнение дека осомничениот сторил кривични дела „Примање поткуп“ и „Примање награда за противзаконито влијание“.
Барал и примил 17.500 евра
Според ОЈО ГОКК, во периодот од април/мај до септември 2026 година, осомничениот, користејќи ја службената положба, во повеќе наврати побарал и примил вкупно 17.500 евра.
Од нив, 7.500 евра биле побарани во врска со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа. Парите, според сомненијата, биле барани за договорот да продолжи да се реализира без пречки и без ризик од раскинување.
Уште 10.000 евра за друга јавна набавка
Во друг случај, поврзан со јавна набавка која била предмет на жалбена постапка, осомничениот побарал уште 10.000 евра.
Тој, според обвинителството, се повикал на свое претпоставено влијание врз понатамошниот тек на постапката, а за возврат требало да влијае врз постапувањето во жалбената процедура, како и во однос на условите и техничката спецификација.
Пријавата од граѓанин го откри случајот
Од ОЈО ГОКК посочуваат дека пријавата од граѓанин овозможила навремено преземање законски дејствија, обезбедување докази и реализација на случајот. По оценка дека се исполнети законските услови, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Од обвинителството нагласуваат дека ова е втор случај за неполна седмица во кој, по пријава од граѓанин, преземените дејствија резултирале со реализација на случај поврзан со корупција. ОЈО ГОКК ги повикува граѓаните кои имаат сознанија за можни коруптивни дејствија да ги пријават кај надлежните институции, со уверување дека секоја основана информација ќе биде проверена, а идентитетот и личните податоци на пријавителите ќе бидат заштитени согласно законските можности и потребите на постапката.

