ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ – ДИК не успеа да донесе упатство за советници
Според Изборниот законик, во вакви случаи членот кој побарал консензус има право писмено да се обрати до правната служба, која во определен рок треба да даде мислење

Државната изборна комисија (ДИК) денеска не успеа да го усвои упатството за пополнување на образецот за листи на кандидати за членови на советите на општините и на Градот Скопје.
Причина за тоа е барањето на членката Дитмире Шеху одлуката да се донесе едногласно, со консензус, повикувајќи се на Изборниот законик кој предвидува ваква можност кога станува збор за интереси на немнозинските заедници.
Шеху оцени дека е спорно упатството да се носи врз основа на владина одлука, со која бројот на советници бил намален врз основа на пописот, наместо врз основа на Законот за локална самоуправа.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, потсети дека вакво упатство било донесено и за локалните избори во 2021 година, според владина одлука од 2004 година. Сепак, иако петмина членови гласаа „за“ и двајца „против“, не беше обезбеден консензус, па одлуката не помина.
Според Изборниот законик, во вакви случаи членот кој побарал консензус има право писмено да се обрати до правната служба, која во определен рок треба да даде мислење. ДИК ќе се врати на оваа точка по завршувањето на таа постапка.
На денешната 130. седница, Комисијата усвои неколку други одлуки поврзани со претстојните локални избори, меѓу кои и упатство за набљудување на изборната постапка.
Да потсетиме дека согласно резултатите од Пописот на населението од 2021 година, и согласно Законот за локална самоуправа, Владата во септември минатата година донесе одлука за зголемување на бројот на општински советници во Кисела Вода, Карпош и во Студеничани, и намалување на бројот на советници во 14 општини – Гостивар, Кичево, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Пехчево, Струга, Врапчиште, Дебарца, Желино, Јегуновце, Ново Село, Теарце и Центар Жупа. Најголемо намалување, од 31 на 23 советници има во Гостивар. Според пописот од 2002, Гостивар имаше над 80 илјади жители, но во 2021 падна бројот падна под 60 илјади жители.


