82 ГОДИНИ ТЕТАРСКА ИСТОРИЈА, А СЕГА И НОВИНА ШТО ЌЕ ЈА ПОВРЗЕ БИТОЛА ВО СВЕТОТ Народниот театар најави LIVE STREAMING
Со премиерата на „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, беше отворено 12. издание на Битола Шекспир Фестивал.

Народниот театар Битола одбележа 82 години постоење, континуирана уметничка дејност и посветеност на театарската уметност со премиерата на „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, со која беше отворено и 12. издание на Битола Шекспир Фестивал. Вечерта помина во знакот на уметноста, свеченоста и почитта кон богатата театарска традиција, но и во духот на новите сценски предизвици и меѓународната соработка.
Како најстар театар во Македонија, Народниот театар Битола зад себе има повеќе од осум децении значајни сценски остварувања, уметнички предизвици и генерации актери и творци кои го граделе неговиот углед и препознатливост.
По премиерната изведба на „Охридско лето“, светската премиера на Верона Фринџ Шекспир фестивалот во Италија, гостувањето во античкиот амфитеатар во Бутринт, Саранда, на јубилејното 10. издание на фестивалот „Магични ноќи во Бутринт“, како и настапот на East Direction фестивалот во Бјалисток, Полска, претставата „Кориолан“ конечно беше изведена и пред домашната публика во Битола.
Битолската публика ја награди изведбата со долготраен аплауз и стоечки овации, потврдувајќи го интересот за оваа меѓународно афирмирана театарска продукција. По повод 82-годишнината, директорот Васко Мавровски и дел од колективот на Народниот театар положија свежо цвеќе пред споменикот на театарот, во знак на почит кон неговата историја, традиција и сите генерации кои го создавале и одржувале неговиот континуитет.
Од институцијата порачуваат дека и понатаму ќе продолжат да ја негуваат театарската традиција, да создаваат современи сценски остварувања и да ја оправдуваат довербата на публиката.
Покрај „Кориолан“, програмата на 12. Битола Шекспир Фестивал опфаќа уште пет претстави од Италија, Грузија, Ерменија, Романија и Малта. Првото гостување е од Италија, со претставата „Шекспир во песна“, во режија и изведба на Даниел Запи, која ќе биде изведена на 17 ноември 2026 година, на Новата сцена, со почеток во 20 часот.
На 19 ноември следува „Макбет“, во режија на Елиот Хакстабл, во изведба на Државниот камерен театар од Ерменија. Во фестивалската програма се и „Ричард III. човекот“ на театарот Тони Буландра од Романија, „Бура“ на Државниот театар Поти од Грузија и „Перикле среде морето“ на театарот од Малта.
Предвидена е и театарска работилница за деца посветена на Шекспир, која ќе ја води Билјана Крајчевска. Фестивалот има за цел да ја промовира македонската култура и театар пред меѓународната публика, но и да ги претстави современите театарски остварувања од други земји инспирирани од делото на Шекспир.
Покрај јубилејот и фестивалската програма, Народниот театар Битола најавува и значајна новина во комуникацијата со публиката. За првпат, репертоарот на театарот ќе биде достапен и преку LIVE STREAMING, односно директен пренос на претставите во живо.
Со оваа можност, претставите од сцената на најстариот театар во Македонија ќе можат да ги следат не само битолчани, туку и Македонците кои живеат ширум светот. По 82 години постоење, Народниот театар Битола на тој начин ја поврзува богатата сценска традиција со современите дигитални можности, отворајќи ново поглавје во својата комуникација со публиката.

