ВИЛИЈАМ И КЕЈТ ПРИСТИГНАА ВО ИНДИЈА Играа уличен крикет, а ги очекуваат Боливуд и средба со Моди
Кралскиот пар започна тридневна посета на Индија, исполнета со спорт, култура и еколошки активности.

Британскиот принц Вилијам и принцезата Кејт Мидлтон пристигнаа во Мумбај, со што ја започнаа тридневната официјална посета на Индија. Првиот ден го одбележаа со необична спортска активност играње уличен крикет со локални деца и легендарниот индиски крикетар Сачин Тендулкар. Посетата е нивно прво заедничко официјално патување во странство по речиси четири години, а во Индија последен пат престојувале во 2016 година.
На првиот ден од посетата, кралскиот пар се приклучи на играта во тесните улички на населбата Балард Естејт во Мумбај. Принцот Вилијам ја презеде улогата на фрлач, додека Кејт застана зад палката. Двајцата разменуваа топки со Тендулкар и локалните деца, разговараа со присутните и се забавуваа во атмосфера исполнета со музика и традиционални индиски тапани. Имале можност да пробаат и традиционален индиски чај, послужен во глинени чаши.
Изборот на уличниот крикет не бил случаен. Играта е длабоко вкоренета во секојдневието на Мумбај, каде што поради недостигот од големи спортски терени, многу деца и млади играат во тесните улички и маала. Во продолжение на посетата, Вилијам и Кејт ќе се сретнат со претставници на индиската филмска индустрија и ќе учествуваат во активности поврзани со модата и креативните професии.
Кејт ќе посети болница, додека Вилијам ќе има средба со претставници на филмската индустрија во продукциско студио. Во програмата е предвидено и возење со метрото во Мумбај, како пример за соработката меѓу Велика Британија и Индија во развојот на еколошки прифатлив транспорт. Кралскиот пар ќе се сретне и со финалистите на наградите „Earthshot Prize“, чии добитници ќе бидат прогласени во вторник.
Наградата „Earthshot Prize“ ја основал принцот Вилијам во 2020 година, со цел да се поддржат иновативни решенија за заштита на животната средина и справување со климатските промени. Ќе бидат прогласени пет победници, по еден во секоја категорија, а секој од нив ќе добие по еден милион британски фунти за развој и проширување на својот проект.
Меѓу финалистите се проекти за намалување на загадувањето, заштита на природата и океаните, справување со климатските промени и создавање почист воздух. Индиските организации и иноватори имаат значајно учество во иницијативата, а Индија досега има повеќе финалисти и победници од која било друга држава.
На свечената церемонија се очекува присуство на бројни познати гости, меѓу кои актерот Рами Малек и австралискиот заштитник на природата Роберт Ирвин. Водител ќе биде индискиот режисер и продуцент Каран Џохар, а музичката програма ќе ја предводи британската група „Take That“.
Посетата има и посебно значење за принцезата Кејт, бидејќи е нејзиното прво подолго прекуокеанско патување по дијагнозата на рак во 2024 година. Таа во март 2024 година соопшти дека ѝ била дијагностицирана болеста, а во јануари 2025 година објави дека е во ремисија. По лекувањето постепено почна да ги обновува своите јавни активности. Во мај годинава престојуваше два дена во Италија, но ова патување во Индија претставува нејзино значајно враќање на подолгите меѓународни ангажмани.
По активностите во Мумбај, принцот и принцезата од Велс ќе отпатуваат во Њу Делхи, каде што ќе се сретнат со индискиот премиер Нарендра Моди. Средбата дополнително била внесена во распоредот, откако Моди ги приспособил своите обврски за да ги пречека.
Последната средба на Вилијам и Кејт со индискиот премиер била за време на нивната претходна посета на Индија пред десет години.

