„НАШАТА ТРАДИЦИЈА, НАШАТА ГОРДОСТ“ – Кампања за поддршка на домашното земјоделство

„НАШАТА ТРАДИЦИЈА, НАШАТА ГОРДОСТ“ – Кампања за поддршка на домашното земјоделство

Министерството за земјоделство, заедно со стопанските комори, ја започна националната кампања за промоција на домашните земјоделски производи под слоганот „Најдоброто од Македонија: нашата традиција, нашата гордост“.

Министерот Љупчо Трипуновски се сретна со раководството на Стопанската комора на Северозападна Македонија, при што беше истакната потребата од поддршка за македонските производители и развој на домашната економија. Но, прашањето кое останува отворено е – зошто домашните производи често се поскапи од увезените?

„Целта е Македонија да стане синоним за квалитетни земјоделски производи. Со оваа кампања сакаме да ги зајакнеме и компаниите што преработуваат домашни производи, кои ги вработуваат нашите граѓани и ја движат економијата напред. Парите потрошени на домашно – остануваат дома“, истакна министерот Трипуновски.

Од СКСЗМ изразија поддршка, но и укажаа на потребата производите да бидат не само квалитетни, туку и ценовно конкурентни. В.Д. претседателот, Нухиу Алиу, додаде дека државата треба да биде внимателна со мерките како што се замрзнување на цени и маржи, за да не се предизвика негативен ефект врз производителите.

„Не бараме поддршка за домашното само затоа што е македонско. Бараме да се поддржи затоа што е посвежо, поквалитетно и произведено со трудот на наши работници“, додаде Алиу.

Како дел од кампањата, Министерството започна дистрибуција на посебни ценовни етикети за домашните производи во маркетите ширум земјата, со цел потрошувачите полесно да ги препознаат.

Сепак, предизвиците остануваат. Домашните производи често се извезуваат од трговци поради поволни царински давачки во соседните држави, и покрај тоа што за нив се добиваат државни субвенции. Ова отвора прашања околу правичноста и ефикасноста на тековната аграрна политика.

CATEGORIES
Share This