ПОПОВСКА СО ИНИЦИЈАТИВА ДО УСТАВНИОТ СУД – Бара поништување на Протоколот од Заедничката комисија

Поповска укажува дека Протоколот излегува надвор од рамките на правниот акт што обработува еден член од билатералниот договор и создава штетни последици врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.

ПОПОВСКА СО ИНИЦИЈАТИВА ДО УСТАВНИОТ СУД – Бара поништување на Протоколот од Заедничката комисија
Фото: Принтскрин

Уставниот суд соопшти дека е формиран предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, донесен на 17 јули 2022 година во Софија. Во моментов, во рамките на претходната постапка се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.

Иницијативата ја поднесе поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска. Таа наведува дека со оспорениот Протокол е прекршен Уставот и тврди дека документот има несоодветна форма и содржина. Поповска укажува дека Протоколот излегува надвор од рамките на правниот акт што обработува еден член од билатералниот договор и создава штетни последици врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.

Таа бара поништување на Протоколот, аргументирајќи дека тоа е возможно според Виенската конвенција за договорното право (1969), која дозволува поништување кога актот е во спротивност со императивна норма на општото меѓународно право.

Според иницијативата, Протоколот е во спротивност со Уставот бидејќи:

  • не е ратификуван од Собранието;

  • не е објавен во пропишаниот рок во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Дополнително, се наведува дека Протоколот е во спротивност со членовите 6–16, 19, 20 и 26 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, бидејќи не е почитувана постапката за негово договарање, усвојување од страна на Владата и потпишување.

Во иницијативата се истакнува дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Парламентот, туку останува само записник од состанок на Меѓувладината комисија. Поповска посочува дека, за разлика од нетранспарентната и проблематична постапка во Северна Македонија, бугарската парламентарна комисија го разгледала текстот на Протоколот уште на 23 јуни 2022 година, еден месец пред министрите за надворешни работи на двете земји да го потпишат, а потоа на седница на 24 јуни 2022 година усвоила целиот пакет на Францускиот предлог за почеток на преговорите со Северна Македонија, со имплицитно вградениот Протокол.

CATEGORIES
Share This