НЕФУНКЦИОНАЛНИ ОБЈЕКТИ, ДОТРАЕНА ОПРЕМА И ИЗГУБЕНИ МОЖНОСТИ – Објавена ревизијата на СЦ Борис Трајковски

Државниот завод за ревизија (ДЗР) во најновиот извештај за работењето на Друштвото за изградба, управување и издавање на повеќенаменската сала „Борис Трајковски“ за 2023 година утврди сериозни слабости – нефункционални објекти, дотраена опрема, затворен аква парк и неизвесна иднина на соларниот систем. Според ревизорите, ваквите состојби довеле до пропуштени можности за обезбедување дополнителни услуги и приходи.
Во 2023 година, друштвото остварило вкупни приходи од продажба на добра и услуги во износ од 48,8 милиони денари, што е намалување од 3% во однос на 2022 година, но зголемување од 33% во споредба со 2021 година. Ланските приходи од закупнини достигнале 10,9 милиони денари, врз основа на 24 активни договори за издавање деловни простории.
Ревизијата укажува на проблеми во постапките за јавно наддавање: кај два договора цената била само малку над почетната, кај пет останала непроменета, а кај 14 договори е пониска од првично проценетата – со намалувања од 6% до дури 50%. Дополнително, договорите се склучуваат на четири години и потоа се продолжуваат со анекси под исти услови, без ревидирање на цените според актуелните пазарни услови.
Во 2024 година, приходите од продажба на добра и услуги пораснале на 55,2 милиони денари, што е зголемување од 13% во однос на претходната година, но ревизорите предупредуваат дека без подобро искористување на капацитетите и навремено одржување на објектите, потенцијалот за раст останува ограничен.
Овој извештај отвора сериозни прашања за управувањето со еден од најзначајните спортски објекти во земјата и потребата од поефикасно менаџирање за да се обезбеди долгорочна одржливост и зголемување на приходите.


