„НЕКА ЖИВЕЈ МАКЕДОНИЈА“ ВО НОВА ИЗВЕДБА НА СУЗАНА СПАСОВСКА – патриотскиот проект што ја буди душата на нацијата

Има една земја сонце што ја грее, оди таму, в’ срце земи ја, слушни вечна песна таму што се пее: Нека живеј Македонија!

Патриотскиот проект „Македонијо, во срце те носиме“ продолжува да го одбележува македонскиот музички простор со моќни и инспиративни изведби, а најновото здобивање е новата верзија на легендарната песна „Нека живеј Македонија“, која носи и оригинален назив „Има една земја сонце што ја грее“. Оваа патриотска химна сега е оживеана преку гласот на талентираната Сузана Спасовска, чие изведување со длабока емоција и сила ја пренесува љубовта и гордоста кон татковината.

Стиховите на песната, напишани од реномираниот композитор Григор Копров, остануваат длабоко врежани во македонската народна свест, а првпат беа изведени од легендарниот Гоце Николовски во 1986 година. Новата верзија е создадена под маестрална музичка продукција на Николче Мицевски, која успешно ги спојува богатите традиционални корени со современи музички елементи, правејќи ја песната пристапна и за младите генерации.

„Има една земја сонце што ја грее, оди таму, в’ срце земи ја, слушни вечна песна таму што се пее: Нека живеј Македонија!“ — овие зборови не се само патриотска песна, туку и вечен завет за припадност, единство и сила што го обединува македонскиот народ.

Проектот „Македонијо, во срце те носиме“ претставува повеќе од музика – тој е културна мисија која буди национална свест и ја промовира автентичната македонска традиција. Под уметничка закрила на Скендеровски продукција, Македонија добива свој уникатен глас преку современи адаптации на народни и патриотски композиции.

Досега, проектот ја оживеа и претстави емоцијата и моќта на низа други значајни македонски песни, како што се: „Не кажувај либе добра ноќ“ во изведба на Огнен Здравковски, „Како пиреј“ од Ламбе Алабаковски, „Се собрале комитите“ (Миле Кузмановски), „Како што е таа чаша“ (Спасен Силјаноски), „Ја излези стара мајко“ (Марија Спасовска), „По друм одам мајче“ (Мина Блажев), „Горда Македонка“ (Зуица Лазова) и „Запејте сите ангели“ (Бојана Скендеровски). Секоја од овие композиции е длабоко врзана со македонската историја, култура и национален идентитет.

„Македонијо, во срце те носиме“ е гласот на народот, инспириран од жртвите и храброста на нашите предци, создаден за да ги обедини сегашните и идните генерации. Овој проект е мост меѓу минатото и иднината, емоции вградени во секој акорд, а гласот на Сузана Спасовска во „Нека живеј Македонија“ ја носи таа порака со голема почит и страст.

Уживајте во оваа нова верзија на патриотската химна, која ја збогатува македонската музичка ризница и продолжува да го буди националниот дух и гордост.

CATEGORIES
Share This