НАВИВАЧИТЕ СКАНДИРАА ГОЛЕМА АЛБАНИЈА – Гаши со пофалби за навивачите дека биле достоинствени

Интересно е што претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој неодамна јавно ги осуди навивачките испади во Куманово за време на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија, сега изјави дека не слушнал националистички скандирања на стадионот

НАВИВАЧИТЕ СКАНДИРАА ГОЛЕМА АЛБАНИЈА – Гаши со пофалби за навивачите дека биле достоинствени
Фото: Фејсбук

И покрај повиците за фер и спортско однесување, навивачите на Шкендија синоќа на Националната арена „Тодор Проески“ во повеќе наврати скандираа слогани како „Илирида“ и „Голема Албанија“. Националистичките извици повторно беа присутни, иако од институциите постојано се апелира да се избегнува вакво однесување.

На натпреварот присуствуваа и високи функционери – вицепремиерот Изет Меџити, претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за економија Бесар Дурмиши, како и опозициските лидери Али Ахмети и Арбен Таравари.

Интересно е што претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој неодамна јавно ги осуди навивачките испади во Куманово за време на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија, сега изјави дека не слушнал националистички скандирања на стадионот. Тој додаде дека, доколку навистина имало такво однесување, го осудува.

Сепак, на својот фејсбук-профил Гаши објави статус во кој им честита на навивачите, оценувајќи ги како „достоинствени примери на нашите национални вредности“.

„Им честитам на навивачите кои беа подеднакво достоинствени примери за нашите национални вредности, внатре и надвор од стадионот. Со доверба и оптимизам го очекуваме резултатот од реваншот, убедени дека Шкендија ќе се бори до крај“, напиша Гаши.

Овие ставови предизвикаа реакции во јавноста, особено во контекст на претходната критика кон македонските навивачи. Дел од јавноста смета дека функционерите од албанскиот политички блок избегнуваат јасно осудување на испади од сопствената етничка заедница, што создава впечаток на двојни стандарди и политичка калкулација пред избори.

Засега само партијата Единствена Македонија најостро го осуди бесрамното, антимакедонско дивеење на една организирана навивачка група од албанското малцинство на вчерашниот натпревар Шкендија – Карабах во Скопје.

CATEGORIES
Share This