BOOKING.COM ПРЕД НАЈГОЛЕМАТА ТУЖБА – Над 10 илјади хотели го тужат сервисот за резервации

BOOKING.COM ПРЕД НАЈГОЛЕМАТА ТУЖБА – Над 10 илјади хотели го тужат сервисот за резервации

Повеќе од 10.000 хотели од цела Европа поднесоа групна тужба против познатата платформа за резервации на сместување „Букинг“ (Booking.com), обвинувајќи ја дека со својата клаузула за „паритет на цените“ нанела значителни финансиски загуби на хотелскиот сектор.

Според хотелите, оваа клаузула ги ограничува во можноста да понудат пониски цени за сместување на своите сопствени веб-страници или на конкурентни платформи. Иако клиентите често го користат „Букинг“ за пребарување, потоа се обидуваат да резервираат директно по поволни услови – токму оваа практика е забранета со договорите што хотелите ги склучуваат со платформата, под условите на „паритет на цените“.

Претставниците на хотелската индустрија истакнуваат дека вака формулираните договори ги ставаат во подредена положба и ја нарушуваат фер конкуренцијата. „Европските хотелиери долго време се принудени да толерираат нефер услови за бизнис и прекумерни трошоци. Време е да се обединиме и да побараме надомест,“ изјави Александрос Василикос, претседател на европското здружение за угостителство HOTREC.

Во меѓувреме, Европската унија веќе презеде чекори во оваа насока. Со новиот Закон за дигитални пазари се забранува практиката на договорно ограничување на цените од страна на големите онлајн платформи. И Судот на правдата на ЕУ во пресуда од септември 2024 година оцени дека клаузулата за паритет на цените потенцијално ја ограничува конкуренцијата. Иако не е прогласена како прекршување на европскиот закон за конкуренција, судиите нагласија дека таа не е од суштинско значење за економскиот модел на „Букинг“.

Тужбата е поднесена во Холандија, каде што е седиштето на „Букинг“, а хотелите бараат финансиска компензација за, како што велат, години на финансиски притисок и ограничувања на деловната слобода. Случајот може да има значајни последици за иднината на дигиталните туристички платформи и нивниот однос со хотелиерите низ Европа.

CATEGORIES
Share This