ФИБА ОТВОРА ИСТРАГА Ќе го испитува инцидентот на Македонија – Романија

Светската кошаркарска федерација (ФИБА) остро го осуди говорот на омраза и употребата на дискриминаторски или расистички јазик за време на натпреварот меѓу репрезентациите на Македонија и Романија, кој се одигра во саботата (2 август) во Куманово.
ФИБА во своето официјално соопштение нагласи дека ваквото однесување е неприфатливо и дека инцидентот е веќе предмет на истрага. Федерацијата посочи дека ќе ги преземе сите неопходни мерки доколку се утврди прекршување на правилата.
Инцидентот со навредливите скандирања веќе предизвика широки реакции во јавноста. Политичките партии, македонската кошаркарска федерација, државниот врв и Општина Куманово – на чија територија се одигра натпреварот – излегоа со остри осуди за ваквиот чин.
Од МВР и обвинителството информираат дека се во тек испитувања на сите околности поврзани со настанот, и дека ќе се постапува согласно законските надлежности.
ФИБА повтори дека останува посветена на промовирање на фер-плеј, толеранција и почит меѓу сите учесници во спортот, како и на борбата против секаков облик на говор на омраза и дискриминација.


