УАПСЕН ВОЗАЧОТ НА ЗАЕВ Подметнал пожар кај Водоча

Случајот доби значителен медиумски и политички интерес, не само поради самото кривично дело, туку и поради поврзаноста на осомничениот со локалната власт

УАПСЕН ВОЗАЧОТ НА ЗАЕВ Подметнал пожар кај Водоча
Фото: Национал

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица поведе истражна постапка против едно лице, осомничено за обид да изврши тешки дела против општата сигурност, казниво по член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.

Според информациите од обвинителството, осомничениот- кој, како што се тврди, бил возач вработен во Општина Струмица преку социјална мрежа се заканил на лице од градот дека ќе му ја запали викендицата, а потоа се обидел и да ја реализира заканата.

Инцидентот се случил на локацијата кај браната Водоча, каде осомничениот со запален факел направен од хартија и текстил се обидел да подметне пожар, при што започнало чадење и горење на гредите на натстрешницата. Со дејството била загрозена не само имотната безбедност на објектот, туку и на соседните викенд-куќи и вегетацијата во близина.

Поради опасност од бегство и можност за повторување или довршување на делото, јавниот обвинител доставил предлог до судот за определување мерка притвор.

Информацијата доби политички тон поради тврдењето на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, кој изјави дека уапсениот Александар Николов бил шофер на Зоран Заев, поранешен премиер и долгогодишен градоначалник на Струмица.

„Фактот што возачот на Заев подметнувал пожари отвора сериозни прашања. Дали постои организирана група во СДСМ која стои зад овие пожари? Ако човек од најблиското опкружување на Заев пали, колкумина се дел од таа мрежа?“ – праша Лефков.

Случајот доби значителен медиумски и политички интерес, не само поради самото кривично дело, туку и поради поврзаноста на осомничениот со локалната власт. Основното јавно обвинителство продолжува со постапката, додека јавноста очекува дополнителни информации и судски разврски.

CATEGORIES
TAGS
Share This