МАКЕДОНИЈА ГОРИ Се активира европскиот механизам за цивилна заштита, потребна е воздушна поддршка

МАКЕДОНИЈА ГОРИ Се активира европскиот механизам за цивилна заштита, потребна е воздушна поддршка

Македонија се соочува со сериозна огнена криза и ја активираше европската помош преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија. Од земјава е упатено барање за интернационална помош, првенствено за воздухопловни ресурси, кои се клучни за справување со сè поинтензивните пожари што ја зафатија државата.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека човечки сили на терен има доволно, но дека тие се веќе исцрпени поради постојаната борба со огнот. Помошта се очекува особено од соседните земји, кои и самите се борат со слични кризни ситуации.

Во моментов, во државата се регистрирани вкупно 16 пожари – од нив осум се активни, шест се под контрола, а два се целосно изгаснати. Најтежок останува пожарот на планината Готен, каде е ангажирана и авијација, но постои стравување дека пожарот би можел да се прошири кон населените места.

Хероизам на терен покажа и Армијата – еден нејзин припадник беше успешно евакуиран со полициски хеликоптер „Агуста Бел 212“, во услови на висок ризик од пламените јазици.

Пожари и понатаму беснеат во Македонска Каменица, Крива Паланка, Куманово, Желино, Прилеп и Македонски Брод. Во текот на денот, поради пожар во близина, беше привремено затворен и граничниот премин Меџитлија кај Битола.

Надлежните институции досега привеле 27 лица под сомнение за предизвикување пожари, а поднесени се и 19 кривични пријави. Властите апелираат на максимална претпазливост и повикуваат граѓаните да пријават секое сомнително однесување.

CATEGORIES
Share This