ИВА ВО ПИРОГОВ Софија ќе ја штити и ќе истражува како ја поминала границата

Бугарскиот министер најави сослушување и проверка на сите околности по заминувањето на Михајлова од Македонија, каде против неа се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици.

ИВА ВО ПИРОГОВ Софија ќе ја штити и ќе истражува како ја поминала границата
Фото: Принтскрин

Министерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев, денеска изјави дека на Ива Михајлова ќе ѝ биде доделено обезбедување доколку се утврди дека ѝ е потребно. Михајлова се наоѓа во болницата „Пирогов“ во Софија, откако вчера ја напушти Македонија, каде против неа се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици.

„Известен сум дека таа и нејзиниот адвокат се наоѓаат во ‘Пирогов’. Ќе се преземат чекори за нејзино сослушување и за утврдување кога, каде и како ја преминала границата. Ќе ги испитаме и сите други околности, вклучително и дали им е потребна безбедност. Доколку постои таква потреба, ќе биде доделена заштита“, изјави Демерџиев.

Во реакција на случајот, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија оцени дека постапувањето на бугарските институции и приемот на Михајлова во Софија испраќаат погрешна порака и ги поткопуваат напорите за градење доверба и унапредување на добрососедските односи.

Случајот сега отвора пошироки прашања за соработката меѓу македонските и бугарските институции, постапувањето при преминување на државната граница и почитувањето на судските одлуки, во услови кога Македонија очекува од соседна Бугарија да ги почитува принципите на владеење на правото и добрососедските односи.

CATEGORIES
TAGS
Share This