ИЗГЛАСАН ЗАКОН Секој студент ќе добие 250 евра за лаптоп, таблет или персонален компјутер
На истата седница беа донесени и измените на законите за стоковни резерви, за тутун и производи од тутун, како и за технолошко-индустриски развојни зони. Во продолжението на 62-та седница беше изгласан и Законот за иновациска дејност, научно-технолошки развој и претприемништво.

Со 84 гласа „за“, пратениците на продолжението на 60-та седница го изгласаа Законот за вредносни ваучери, со кој секој студент до 29 години, запишан на додипломски студии, ќе добие ваучер од 250 евра (15.300 денари) за набавка на електронски уред – лаптоп, таблет или персонален компјутер.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов, изрази гордост што како млад пратеник стои зад иницијативата, нагласувајќи дека младите се приоритет на оваа влада.
„Зборот е збор кога станува збор за ВМРО-ДПМНЕ и младите во Македонија. Од септември, секој студент до 29 години ќе добие ваучер за електронско помагало,“ рече Попов.
Поддршка за законот даде и СДСМ. Пратеничката Даниела Николова ја поздрави мерката, но ја критикуваше власта што дури по една година понудила конкретна иницијатива за младите.
„Ова е првата мерка за младите од оваа влада во цела година. Ако се враќа довербата, таа треба да се гради со континуирана грижа,“ изјави Николова.
Пратеникот Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ информираше дека за оваа мерка се издвоени 850 милиони денари од државниот буџет и дека се очекува да бидат опфатени над 55.000 студенти во учебната 2025–2026 година.
„Целта на законот е поттикнување на дигиталната и технолошката писменост и обезбедување еднаков пристап до електронски уреди,“ посочи Јаулески.
На истата седница беа донесени и измените на законите за стоковни резерви, за тутун и производи од тутун, како и за технолошко-индустриски развојни зони. Во продолжението на 62-та седница беше изгласан и Законот за иновациска дејност, научно-технолошки развој и претприемништво.
Потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, најави дека точката за испраќање припадници на Армијата во мисијата на УНИФИЛ ќе биде дополнително закажана.


