ПРИЈАВА ЗА ТРОЈЦА ОПШТИНСКИ ФУНКЦИОНЕРИ ВО КРИВА ПАЛАНКА, обвенети се за злоупотреба на службена положба
Според истрагата, К.П. изготвил решение за промена на инвеститор спротивно на Законот за градење и надвор од рокот на важност на одобрението за градба.

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против три лица од Крива Паланка под сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавени се К.П. (59), административен службеник, М.К. (41), раководител на Одделението за урбанизам, сообраќај и животна средина, и С.М. (38), актуелен градоначалник на општината.
Според истрагата, К.П. изготвил решение за промена на инвеститор спротивно на Законот за градење и надвор од рокот на важност на одобрението за градба. Иако дозволата веќе била истечена, тој сепак издал документ што му овозможил на инвеститорот Г.С. да продолжи со изградбата на објект – куќа со деловен простор – без валидна документација.
Дополнително, М.К., во своја функција, не спровела надзор врз издаденото решение, туку со свој потпис го потврдила како важечко. Според полицијата, градоначалникот С.М. не постапил согласно своите надлежности, туку со свој потпис и со печат на општината го официјализирал решението, со што му дал правна сила на незаконскиот акт.
Целата постапка, според обвинението, претставува сериозно прекршување на законските процедури и злоупотреба на службените овластувања, со што е овозможено бесправно градење. Истрагата продолжува, а надлежното обвинителство ќе ги разгледа сите околности поврзани со случајот.


