НЕПРЕЧЕН СООБРАЌАЈ НА ДРЖАВНИТЕ ПАТИШТА – Прекини поради велосипедска трка кај Куманово

Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива непречено, по суви коловози, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) во своето утринско соопштение објавено во 07:14 часот.
Од 07:05 часот е нормализиран сообраќајот на регионалниот пат Р1102, на делницата од крстосницата кај Башино Село до Езеро Младост и натаму до крстосницата за населеното место Отовица.
Во текот на денот се најавуваат повремени прекини на одредени делници во североисточниот дел на државата. Имено, денеска, во период од 09:00 до 14:00 часот, поради обезбедување на велосипедска трка, привремено ќе биде во прекин сообраќајот на следните патни правци:
- Центарот на Куманово, по улица „3-та МУБ“;
- Обиколницата кон Свети Николе;
- Магистралниот пат Куманово – Крива Паланка;
- Регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце – Меморијален центар АСНОМ во село Пелинце.
Според АМСМ, интензитетот на сообраќајот надвор од урбаните средини е зголемен, но на граничните премини од македонска страна не се евидентирани подолги задржувања при влез и излез од државата.
Од сообраќајната служба апелираат до возачите да ја прилагодат брзината на движење, строго да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да бидат особено внимателни на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои зголемена опасност од одрони. Најризични се делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Воедно, останува на сила и летниот режим на сообраќај, со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на викендите, како и во деновите со екстремно високи температури. Забраната важи во следните термини:
- Петок од 17:00 до 22:00 часот;
- Сабота од 09:00 до 18:00 часот;
- Недела од 09:00 до 22:00 часот.
Во деновите прогласени за екстремно топли од страна на Министерството за здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток, во период од 11:00 до 17:00 часот.


