СУДИРИ НА ГРАНИЦАТА МЕЃУ ТАЈЛАНД И КАМБОЏА Загинаа најмалку двајца цивили

СУДИРИ НА ГРАНИЦАТА МЕЃУ ТАЈЛАНД И КАМБОЏА Загинаа најмалку двајца цивили

Граничниот спор меѓу Тајланд и Камбоџа ескалираше во насилни судири, при што најмалку двајца цивили ги загубија животите, а неколку други се повредени. Инцидентот се случи откако Тајландската војска изврши воздушен напад на територијата на Камбоџа, користејќи борбени авиони „Ф-7“.

Според тајландските воени извори, шест авиони биле распоредени долж спорната граница, од кои еден гаѓал и уништил, како што велат, легитимна воена цел. Камбоџа, пак, тврди дека нападот е неиспровоцирана агресија врз нејзиниот територијален интегритет и ја осуди „бруталната и неодговорна акција“ на Тајланд, истакнувајќи дека две бомби погодиле цивилен пат.

Судирите доаѓаат во момент на висока напнатост, особено откако Тајланд вчера го повлече својот амбасадор од Пном Пен, а најави и протерување на камбоџанскиот амбасадор во Бангкок. Поводот бил најнов инцидент во кој тајландски војник изгубил екстремитет од мина поставена, според Тајланд, во спорната погранична зона. Ова е втор сличен случај во последната недела.

Граничниот спор меѓу двете земји трае повеќе од еден век. Линијата од 817 километри сѐ уште не е целосно демаркирана, што често доведува до инциденти, воени конфликти и дипломатски тензии. Последната ескалација дојде по мајскиот инцидент кога камбоџански војник беше убиен при кратка размена на оган – настан што ја влоши политичката клима меѓу двете земји.

Меѓународната заедница засега не реагираше официјално, но регионалните аналитичари повикуваат на итен дијалог и медијација за спречување на понатамошна ескалација. Судирот потенцијално може да се прошири и влоши стабилноста во регионот на Југоисточна Азија.

CATEGORIES
Share This