РАЗМЕНА НА 1.200 ЗАРОБЕНИЦИ И НОВИ РАБОТНИ ГРУПИ – Исходот од третата преговарачка рунда во Истанбул
Преговорите траеја околу 40 минути, а непосредно пред нив беше одржана и приватна средба меѓу Умеров и Медински. Турски претставници присуствуваа на разговорите, кои се одржаа во палатата Чираган во Истанбул.

Во Истанбул заврши третата рунда преговори меѓу делегациите на Русија и Украина, а како клучен резултат се истакнува постигнатиот договор за продолжување на размената на заробеници и цивили, јавува ТАСС.
Помеѓу најзначајните точки од разговорите се наоѓа руската понуда за размена на најмалку 1.200 воени заробеници од двете страни. Помошникот на рускиот претседател и шеф на руската делегација, Владимир Медински, соопшти дека Русија е подготвена за кратки прекини на огнот – од 24 до 48 часа за да се овозможи евакуација на ранети и прибирање на телата на загинатите.
Москва понудила и да предаде тела на дополнителни 3.000 украински војници, при што Медински информираше дека досега веќе се вратени над 7.000 тела на украински војници. Исто така, беше потврдено дека ќе продолжат медицинските размени на тешко ранети и болни лица долж фронтот.
Во рамки на понудената структура за натамошна комуникација, Русија предложила формирање на три заеднички работни групи кои би функционирале онлајн. Според Медински, санитарните тимови на теренот се изложени на висок ризик во таканаречената „сива зона“ на фронтот.
Меѓу другите теми, се разговарало и за можностите за враќање на цивилите раселени поради воените дејства. Медински посочи дека ставовите од претходните рунди сè уште се далеку од усогласени, но изрази надеж за поинтензивни и пооперативни контакти на ниво на работни групи.
Русија посочи и дека дел од раселените лица од Курскиот регион сè уште не се вратени, а 30 од нив се приведени по, како што беше речено, „непозната причина“, за што се очекува разјаснување од украинската страна.
Украинскиот преговарач и секретар на Советот за национална безбедност, Рустем Умеров, по средбата изјави дека Украина продолжува да инсистира на целосен и безусловен прекин на огнот како основа за вистински дипломатски процес.
„Подготвени сме за прекин на огнот и за значајни мировни преговори. Но, тоа бара искрена и посветена намера од двете страни. Прекинот на огнот мора да значи крај на нападите врз цивили и критична инфраструктура. Вистинскиот мир е можен“ – изјави Умеров.
Преговорите траеја околу 40 минути, а непосредно пред нив беше одржана и приватна средба меѓу Умеров и Медински. Турски претставници присуствуваа на разговорите, кои се одржаа во палатата Чираган во Истанбул.


