ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ПОД ОБВИНЕНИЕ, ИНСТИТУЦИЈАТА ПОД ПРИТИСОК Антикорупциска во ќорсокак
Новите откритија дека побарала друг да го полага тестот за безбедносен сертификат во нејзино име дополнително го нарушија нејзиниот кредибилитет

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, и понатаму не доаѓа на работа и не поднесува оставка, иако против неа се водат две обвиненија. Од Антикорупциска соопштија дека работата на институцијата мора да продолжи, но индиректно порачаа дека оставката на Димитровска е неопходна за зачувување на угледот и функционалноста на Комисијата.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе две обвиненија против Димитровска – првото за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“, а второто за обид нејзин колега од Државниот завод за ревизија да го полага тестот за безбедносен сертификат во нејзино име.
„Собранието на Република Северна Македонија е институцијата што одлучува за престанок на мандатот на претседател на ДКСК, согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Поднесување оставка, пак, е личен и морален чин на самата претседателка“, се наведува во реакцијата на Комисијата.
Оттаму дополнуваат дека Комисијата ќе продолжи да ги извршува своите надлежности, но дека е исклучително важно телото да функционира во полн состав за да може ефикасно да ги исполнува своите задачи.
„Претседателката, во согласност со изречените мерки од надлежниот суд, не доаѓа на работа во изминатиот период“, стои во соопштението. Не е наведено дали во тој период Димитровска продолжила да прима плата.
Од моментот кога беше објавено дека споделувала информации со осомничено лице во случајот „Адитив“, Димитровска не се обратила во јавноста. Единствено на крајот од април испрати писмено соопштение во кое тврдеше дека комуникацијата со лицето – кое го опиша како семеен пријател се одвивала пред да започне постапката против него. Таа изрази жалење, но негираше дека имала намера да влијае на истрагата.
Новите откритија дека побарала друг да го полага тестот за безбедносен сертификат во нејзино име дополнително го нарушија нејзиниот кредибилитет. Угледот на Антикорупциска, кој веќе беше разнишан, е доведен до најниско ниво. Доколку Димитровска продолжи да молчи, а Собранието не преземе иницијатива, постои сериозен ризик институцијата да изгуби целосно значење и доверба кај јавноста.


