ОТКАЖУВАЊЕТО НА ЃОКОВИЌ, СИНЕР И АЛКАРАЗ ЈА РЕМЕТИ СЦЕНАТА Повредите и заморот ги празнат редовите на „National Bank Open“ во Торонто

Една од најпрестижните тениски приредби во Северна Америка, „National Bank Open“ во Торонто, оваа година ќе остане без најголемите ѕвезди на АТП турнејата. Новак Ѓоковиќ, Јаник Синер, Карлос Алкараз и Џек Дрејпер се откажаа од настап поради повреди или замор по исцрпувачкиот Вимблдон.
Српскиот ас Ѓоковиќ и италијанскиот тенисер Синер истакнаа дека се работи за ситни повреди, но дека заздравувањето е приоритет со оглед на динамичниот календар. Тие најавија враќање на терените за турнирот во Синсинати.
Од друга страна, британецот Џек Дрејпер објави дека поради повреда на рамото нема да настапи ниту во Торонто, ниту во Синсинати. „Не е сериозно, но морам да се осигурам дека ќе заздрави до крајот на сезоната“, напиша тој на социјалните мрежи.
Дополнително, шпанскиот весник Marca известува дека и Карлос Алкараз, актуелниот носител на една од водечките АТП позиции, се повлекол од турнирот поради замор и пренатрупан распоред. По напорниот Вимблдон, неговиот тим проценил дека не е разумно да ризикува со уште еден турнир во краток рок.
Со ова, четворица од првите шест тенисери на АТП листата се повлекоа од турнирот уште пред неговиот почеток, оставајќи го Торонто без голем дел од својата елита. Турнирот сега ќе добие поинаков тек – можеби шансите се зголемени за некои млади и помалку експонирани тенисери да блеснат на големата сцена.


