ВО БРИСЕЛ ЕВРОПРАТЕНИЦИ УСЛОВУВААТ – Членство во ЕУ без јазик и без идентитет
Гласањето по Предлог-резолуцијата е закажано за утрешниот ден во Стразбур.

На седницата на Европскиот парламент во Стразбур започна дебата по Предлог-извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц, кој се однесува на напредокот на Северна Македонија во процесот на пристапување во Европската Унија. Документот се базира на извештаите на Европската комисија за 2023 и 2024 година и ја нагласува поддршката на ЕП за европската интеграција на земјата, укажувајќи на постигнатиот напредок, но и на пречките што и понатаму го забавуваат процесот.
Во извештајот се истакнува дека земјата од 2005 година е кандидат за членство во ЕУ и дека во декември 2023 успешно го заврши скрининг-процесот. Се признава дека аспирациите на граѓаните кон ЕУ донесоа напредок во демократијата и реформите, но се нотира дека политичката волја за исполнување на критериумите, особено во делот на уставните измени, е клучна за понатамошниот напредок.
Во членот 3 од извештајот, Европарламентот повикува Советот на ЕУ да донесе безусловна одлука за отворање на следната фаза од преговорите по исполнување на условите од јули 2022, „целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет“. Токму овој дел стана предмет на амандман предложен од европратениците Халицки (ЕПП), Ван Бремпт (СД) и Барна (РЕ), кои бараат бришење на фразата за јазикот и идентитетот.
Истите европратеници поднесоа амандман и за точката Л, каде се наведува дека ЕУ постојано го признава македонскиот јазик и идентитет и таа точка се предлага да биде избришана. Вајц се спротивстави на ова со предлог за задржување на точката Л и додавање на нова точка Л-а, во која се нагласува чувствителноста на овие теми во новите и мали држави.
Во членот 7, каде се потврдува важноста на јазичниот и културниот идентитет, Халицки, Ван Бремпт и Барна повторно предлагаат амандман за бришење на делот кој се однесува на македонскиот јазик пред Преспанскиот договор. Вајц предлага воведување на нов член 7-а, во кој се нагласува дека различните толкувања за потеклото на јазикот и идентитетот не треба да влијаат на процесот на пристапување.
Бугарскиот европратеник Ивајло Валчев (ЕЦР) предлага терминот „македонски јазик и идентитет“ да се модифицира во „современ македонски јазик и идентитет“, и бара вметнување на протоколите од Договорот за добрососедство, како и заштита на бугарското малцинство во земјава.
Грчки европратеници предлагаат заменување на зборот „македонски“ со „на Северна Македонија“, почитување на уставниот идентитет на ЕУ-членките и осуда на „злоупотреба на името Македонија“. Тие бараат и спомнување на Коридорот 10, покрај Коридорот 8.
Неколку екстремно десничарски европратеници, како Сара Кнафо (Франција) и Александер Сел (Германија), предлагаат член 85-а: „Се спротивставува на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ“.
Бугарскиот европратеник Валчев поднесе и т.н. „Малцинско мислење“ во кое инсистира дека „македонскиот идентитет“ треба да се разбира исклучиво во современ контекст и дека употребата на „македонски јазик“ не смее да се толкува како признавање од страна на Бугарија.
Вајц во својата објаснувачка изјава наведува дека земјата е регионален модел за етничка кохезија и ги поздравува реформите, но предупредува дека долгиот застој во процесот предизвикува пад на поддршката за ЕУ. Тој бара јасни гаранции дека уставните измени нема да водат до нови барања и нагласува дека ЕУ не смее да дозволи пристапувањето да биде заложник на билатерални спорови.
Се поздравува Реформската агенда и новиот Инструмент за реформи и раст за Западен Балкан, кој предвидува 750 милиони евра за земјата, под услов да ги исполни реформските обврски. Се повикува на зајакнување на правната држава, независноста на судството, транспарентноста, медиумските слободи и борбата против корупцијата.
Во извештајот се нотира дека воздржувањето на земјата од поддршка на резолуцијата на ОН за Украина предизвикало загриженост за усогласеноста на нејзината надворешна политика. Истовремено, се посочува дека Северна Македонија е подложена на странски влијанија, особено преку српски јазични медиуми со проруска ориентација.
Се изразува загриженост за „промовирањето на проектот Српски свет“ од некои владини претставници и се повикува на отворање на архивите на УДБА и КОС за справување со тоталитарното минато.
Во документот се нагласува дека секоја земја кандидат мора да ги почитува демократските вредности, владеењето на правото и човековите права, како и еколошките стандарди. Очекувањата се Северна Македонија до 2030 година да ги исполни условите за членство, а ЕУ да обезбеди предвидлив, фер и поддржувачки пристап, заснован на заслуги.
Гласањето по Предлог-резолуцијата е закажано за утрешниот ден во Стразбур.


