Папата Лав XIV денеска истакна дека целибатот останува обврска за свештениците, а од епископите побара да преземат одлучни мерки против сексуалната злоупотреба во Црквата.
Говорејќи во базиликата „Свети Петар“ пред околу 400 епископи и кардинали од 38 земји, собрани по повод Светата година за свештениците, Папата ги повика црковните лидери да покажат лична посветеност, едноставност и блискост со верниците.
„Епископите мора да живеат во сиромаштија и едноставност, великодушно отворајќи ги своите домови за сите, и да бидат татковска фигура и брат на своите свештеници“, порача Папата.
Тој додаде дека духовните водачи треба да се оддалечат од стремежот кон богатство и влијание, и да избегнуваат секој облик на фаворизирање засновано врз пари или моќ.
Во врска со прашањето на злоупотребите, Папата беше дециден: епископите мора да дејствуваат цврсто и без компромис во случаите кои можат да предизвикаат јавен скандал, особено кога се во прашање малолетници. Тој нагласи дека Црквата мора целосно да ги почитува важечките закони и да соработува со надлежните институции.
Папата Лав XIV, првиот Поглавар на Римокатоличката црква од САД, ја повтори и својата заложба за единство во Црквата и за реформа на свештенството преку личен пример и одговорно лидерство.