ПРЕКИН НА ОГНОТ ГИ НАМАЛИ ЦЕНИТЕ НА НАФТАТА берзите реагираат позитивно
Пазарите сè уште внимателно следат како ќе се развива ситуацијата – и дали постигнатиот мир навистина ќе потрае.

Цените на нафтата доживеаја пад од речиси 5% откако Израел и Иран постигнаа договор за прекин на огнот, по две недели од интензивниот воен судир. Според „Би-би-си“, цената на суровата нафта Брент, која се користи како меѓународна референтна вредност, се намали на 68 долари за барел – значително пониско од нивото на 13 јуни кога Израел ги нападна иранските нуклеарни постројки.
Во деновите на ескалација, цените растеа поради стравувањата дека Иран би можел да го блокира Ормутскиот Теснец – стратешки важна точка низ која поминува значителен дел од глобалната нафта и гас. Таквиот потег можеше сериозно да ги наруши глобалните енергетски текови.
Иако моменталната цена е под просечните 80 долари за барел во 2024 година, економските пазари го примија прекинот на огнот со оптимизам. На берзите во Азија:
Јапонскиот „Никеи“ индекс порасна за 1,1%
Хонгконгшкиот „Ханг Сенг“ се зголеми за 2,1%
Аналитичарите предупредуваат дека натамошната стабилност на цените ќе зависи од тоа дали и колку се почитува примирјето.
„Ако прекинот на огнот се задржи, може да се очекува стабилизирање на нафтениот пазар“, вели Пријанка Сачдева од „Филип Нова“, но додава дека пазарот останува чувствителен на секој нов сигнал за можно нарушување на снабдувањето.
Иран, како трет најголем производител на нафта во ОПЕК, со деескалацијата ќе може полесно да извезува, што може да ја зголеми глобалната понуда. Продолжен конфликт би имал пошироки последици – не само врз цените на енергија, туку и врз цените на храна, поради синџирите на набавки и растечките трошоци за транспорт.


