БИТКАТА Е ДАЛЕКУ ОД ЗАВРШЕНА – Мицкоски најави жестока борба за македонскиот идентитет

Според премиерот, амандманите не доаѓаат само од Европската народна партија (ЕНП), туку се резултат на координиран предлог од четири политички групи: ЕНП, социјалдемократите, либералите и зелените.

БИТКАТА Е ДАЛЕКУ ОД ЗАВРШЕНА – Мицкоски најави жестока борба за македонскиот идентитет
Фото:Влада

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција изјави дека извештајот за Македонија, подготвен од европратеникот Томас Вајц, ја поминал првата институционална пречка во Европскиот парламент – Комитетот за надворешни работи (АФЕТ). Извештајот е усвоен со 40 гласа „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“, а според Мицкоски, се очекува да се најде на дневен ред на пленарната седница меѓу 7 и 11 јули.

„Борбата беше жестока, а тоа не би требало да биде случај ако навистина, како што тврдат некои европски политичари, македонскиот јазик и идентитет се „затворени теми“. Реалноста покажа спротивното“ – порача Мицкоски.

Тој нагласи дека и покрај реториката од Брисел за „бетониран“ јазик и идентитет, ситуацијата околу извештајот покажала дека и во 21. век во Европа сè уште се води борба за овие прашања.

„Јавноста виде дека суштината не е прашањето со неколку стотини Бугари во Уставот, туку дека болката е подлабока, децениска, вековна – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали очекува извештајот да помине и на пленарна седница, имајќи ги предвид предложените амандмани.

Според премиерот, амандманите не доаѓаат само од Европската народна партија (ЕНП), туку се резултат на координиран предлог од четири политички групи: ЕНП, социјалдемократите, либералите и зелените.

„Не сакам премногу да навлегувам додека не заврши процесот, но ги знам сите детали. Амандманите беа договорени пред состанокот на Комитетот“  рече Мицкоски.

Одговарајќи на прашање дали очекувал дека ќе се предложи амандман со кој пред македонскиот јазик ќе стои „сегашен“, тој рече дека тоа било логично со оглед на улогата на европратеникот Андреј Ковачев од ЕНП.

„Од 20 европратеници на ЕНП, 15 гласаа „за“, тројца беа „против“, а двајца грчки пратеници воздржани. Го следиме секој чекор, знаеме кој како гласал и со кого разговаравме“ – нагласи премиерот.

Мицкоски додаде дека остануваат уште две недели до пленарната седница и дека тој период ќе биде искористен за интензивна дипломатска активност и борба.

„Не знам дали ќе успееме, но важно е дека граѓаните видоа со што се соочуваме и која е суштината. Европа виде дека ова не е техничко прашање“ – подвлече тој.

Тој најави и меѓународна иницијатива:

„Ова прашање ќе биде покренато и во Хаг, но и на сесии на НАТО – дали земја-членка попречува друга земја во интеграциите и со тоа ја загрозува безбедноста на регионот – изјави Мицкоски.

Покрај темата за извештајот, премиерот информираше дека е решено прашањето со платите на вработените во Инспекторатот за употреба на албанскиот јазик и дека ќе се воспостават заеднички контроли, без да прецизира дополнителни детали.

CATEGORIES
TAGS
Share This