ДЕСЕТИ МАРШ ВО КОЧАНИ – Родителите бараат одговори, не симболика

Денес, точно во 18:05 часот, во Кочани започна десеттото издание на „Маршот за ангелите“, настан во сеќавање на младите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Маршот, како и претходните години, се одржа по утврдена рута – од Паркот на револуцијата, преку трговскиот центар, пред општинската зграда, па сè до полициската станица и Основниот суд и обвинителството.
Овојпат, молкот на семејствата, роднините и пријателите беше заменет со изразен револт, свирежи и гласни пораки.
„Министре Тошковски, сѐ уште ни должите одговор – како можеше полицијата да спроведува акциска контрола во објект кој немал ни лиценца, ни дозвола за работа?“, праша една од мајките на загинатите деца.
Родителите обвинуваат дека се врши притисок врз сведоците за да се прикрие клучниот факт: дека излезната врата од дискотеката била заклучена по наредба на полицијата. Наместо младите да бидат евакуирани, полицајците, според нивните тврдења, ги вратиле назад во објектот и самите избегале од местото на несреќата.
На 19 јуни, родителите одржаа затворена средба со јавни обвинители во Кочани, барајќи разјаснување за обвинителниот акт кој беше претставен од државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Тие истакнаа дека остануваат нејасни одговорностите и чекорите што се преземени против обвинетите 34 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност.
Коцевски на прес-конференција на 13 јуни потврди дека обвинението ги опфаќа сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, лица од обезбедување и државни службеници. Постапката е запрена за 11 лица поради недостиг на докази, меѓу кои и двајца поранешни министри. Истрагата продолжува против 13 полицајци, а не се исклучува можноста за дополнителни обвиненија доколку се обезбедат нови докази.


