МИЦКОСКИ ОБВИНУВА ЗА БУГАРСКА БЛОКАДА НА ИЗВЕШТАЈОТ ЗА МАКЕДОНИЈА – СДСМ би прифатиле сè, ние ќе се бориме за принципи
Мицкоски потврди дека нема да присуствува на самитот во Хаг, каде што ќе ја претставува претседателката Сиљановска-Давкова, додека Бугарија ќе ја претставува премиерот Жељазков.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека би бил најсреќниот човек доколку на 24 јуни биде усвоен извештајот на известувачот на Европскиот парламент, Томас Вајц, за Македонија. Сепак, нагласи дека добива информации за повторени, интензивни политички притисоци од бугарски европратеници и од бугарската Влада. Според него, тие укажуваат дека евентуално усвојување на извештајот би можело да ги радикализира проруските сили во Бугарија, кои се против сегашната проевропска влада таму.
Ова Мицкоски го изјави по отворањето на етно-комплексот „Македонско село“, одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата од 24 јуни, кога е закажано гласањето за Предлог-извештајот во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).
„Би бил најсреќниот човек ако извештајот биде усвоен во АФЕТ, а потоа и на пленарна седница во Европарламентот. Но, деновиве добивам информации за силни политички притисоци од бугарски европратеници и од бугарската Влада, со предупредување дека гласањето може да предизвика реакција кај проруските струи во Бугарија. Тоа доволно кажува за состојбата во која се наоѓа една членка на ЕУ и кој го кочи нашиот евроинтегративен процес“, рече Мицкоски.
Тој ја обвини опозицијата, особено СДСМ, дека без размислување би прифатиле било што, и порача дека неговата влада ќе продолжи да се бори, со поддршка од дел од европратениците во АФЕТ.
Премиерот додаде и дека конечно на виделина излегла вистинската стратегија на Бугарија.
„Вистинската цел е создавање на сегашна македонска нација и идентитет врз основа на бугарски корени. Тоа е нивната стратегија“, рече Мицкоски.
Инаку, на предлог на известувачот Томас Вајц, гласањето во АФЕТ беше одложено од 4 за 24 јуни, поради, како што рече Вајц, интензивни политички дебати, но иако инсистираше дека документот е плод на компромис и го поддржуваат сите политички групи во Европарламентот.
„Овој извештај не е за билатерални прашања, туку за состојбата во земјата, владеењето на правото и положбата на малцинствата“, нагласи Вајц.
Во врска со евентуалната средба на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и бугарскиот премиер Росен Жељазков на маргините на претстојниот НАТО Самит, Мицкоски изјави дека ако има таква иницијатива, треба да се прифати, но иницијативата треба да дојде од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Мицкоски потврди дека нема да присуствува на самитот во Хаг, каде што ќе ја претставува претседателката Сиљановска-Давкова, додека Бугарија ќе ја претставува премиерот Жељазков.


