СИЉАНОВСКА ВО ТИРАНА Шокантно е што Македонци ја менуваат етничката определба поради економија

Претседателката го поздрави донесувањето на одлука за утврдување на критериуми и постапки за прибирање на податоци за лицата кои се идентификуваат како припадници на националните малцинства во Албанија.

СИЉАНОВСКА ВО ТИРАНА Шокантно е што Македонци ја менуваат етничката определба поради економија
Фото: Претседател на РМ

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска од Тирана изјави дека не се чувствува лично засегната од вчерашната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев во врска со ветото и преговарачката рамка. Таа нагласи дека тоа што не ја коментира изјавата не значи дека се согласува со неа.

„Репликата, ако воопшто може така да се нарече, не беше упатена кон мене, туку беше одговор на активностите што ги презема ЕУ со цел да покаже дека во моментот нема поважна политика од политиката на проширување“, изјави Сиљановска.

Таа додаде дека Македонија повеќепати била посочена како држава што целосно се усогласува со надворешната и безбедносната политика на Унијата.

Претседателката подвлече дека личните ставови на одредени држави не треба да ја засенат реалноста.

„Убедена сум дека сите европски лидери се свесни дека македонската приказна, колку и да е тажна и неевропска, нема да заврши со нас. Таа може да стане пример и за други случаи, без оглед на тоа што се радувам за напредокот на одредени земји од регионот“, рече таа.

Сиљановска повтори дека Македонија не смее да биде жртва на идентитетски прашања, бидејќи тие, според неа, не припаѓаат во преговарачката рамка и се надвор од основните документи на ЕУ, како што се Лисабонскиот договор и Повелбата за фундаментални права.

„Не бараме посебен третман, туку фер и еднаков пристап. Сакам да живеам во нормална европска држава, каде што важат истите правила за сите“, нагласи претседателката, која учествуваше на Самитот на шефови на држави и влади од Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Во Тирана, Сиљановска оствари средби со претставници на македонската заедница во Албанија – со Македонската алијанса за европска интеграција, Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, како и со македонски дипломати и професори.

Таа потсети дека ЕУ побарала од неколку тинк-тенкови, меѓу кои и грчкиот „Елијамеп“, да изработат анализа и да понудат решенија за надминување на злоупотребата на правото на вето во процесот на проширување.

„Проширувањето денес не е само демократска обврска, туку и клучна потреба за стабилноста и безбедноста на регионот“, истакна таа.

Претседателката го поздрави донесувањето на одлука за утврдување на критериуми и постапки за прибирање на податоци за лицата кои се идентификуваат како припадници на националните малцинства во Албанија.

„Навистина е шокантно да се види како луѓе што со векови се декларирале како Македонци, сега под притисок на економски причини ја менуваат својата етничка определба“, рече Сиљановска-Давкова.

CATEGORIES
Share This