АВСТРИЈА ВО ШОК Масакр во училиште во Австрија
Целата земја е во тага, додека родителите, децата и пошироката заедница се соочуваат со последиците од еден од најстрашните напади во поновата историја на Австрија.

Голема трагедија ја потресе Австрија откако утрово во средното училиште БОРГ во Грац се случи вооружен напад во кој загинаа десет лица, меѓу кои и напаѓачот, кој изврши самоубиство во училишниот тоалет. Над триесет лица се повредени, од кои неколку се наоѓаат во критична состојба.
Пред блиската сала АСКО, каде што беше формиран кризен центар, владееше сцена на очај и страв. Родителите, во солзи и паника, чекаа вести за своите деца. Атмосферата беше тешка и исполнета со неизвесност, додека кризните тимови се обидуваа да понудат поддршка.
„Син ми се јави и ми рече дека е во училиште, дека има пукање и дека мисли дека ќе умре“, изјави една мајка за Sky News, со солзи во очите. „Дури два часа подоцна дознав дека сè уште е жив. Тоа беа најдолгите часови во мојот живот.“
Очевидци опишуваат сцени како од филмски хорор. Метин Озден, сопственик на блиска ќебапчилница, сведочи за првите моменти од нападот.
„Бев на работа кога пристигнаа полициските возила, потоа и командни единици, а хеликоптер кружеше над училиштето. Родителите минуваа покрај мојот ресторан во солзи, а некои деца се криеја зад оградата на игралиштето. Ова е трагедија што нема да ја заборавиме“, раскажува тој за Krone Zeitung.
Жителите на околината се уште се во шок. Сандра Ролер и Франц Вегшајдлер, кои живеат веднаш спроти училиштето, велат дека од нивниот прозорец сведочеле на ужасни сцени.
„Видов повредено лице. Мајка бараше по ќерка ѝ, а едно дете не успеа да избега. Сè уште не можам да се смирам“, изјави Сандра за Steirerkrone.
Слично искуство имал и Хасан Дарсел, сопственик на ресторанот „Каламар“, кој се наоѓа во близина на местото на нападот.
„Полицијата ја блокираше улицата околу 10 часот. Ги затворивме вратите и останавме внатре. Имам три деца и секогаш се плашам кога ги праќам на училиште, но вакво нешто не може никој да го предвиди“, рече Дарсел видно потресен.
По трагичниот настан, австриските власти прогласија тридневна национална жалост. Знамињата се спуштени на половина копје, а сите јавни настани се откажани или одложени.
Целата земја е во тага, додека родителите, децата и пошироката заедница се соочуваат со последиците од еден од најстрашните напади во поновата историја на Австрија.


