ПОРАНЕШЕН ДИРЕКТОР НА ЦИА Ако Путин победи во Украина следна за напад е Литванија
Според Петреус, крајната цел на Кремљ е рушење на украинскиот претседател Володимир Зеленски и воспоставување марионетски режим во Киев. Тој предупреди дека доколку Русија успее да ја покори Украина, следната фаза би можела да биде директна закана за НАТО територија.

Поранешниот директор на ЦИА и пензиониран американски генерал, Дејвид Петреус, изрази сериозна загриженост поради можниот развој на конфликтот во Украина, предупредувајќи дека доколку рускиот претседател Владимир Путин извојува победа, следната цел може да биде земја членка на НАТО – конкретно, Литванија.
Во интервју за порталот MSN, Петреус истакна дека Москва би можела да ја искористи балтичката држава како тест за решителноста на Западот или како вовед во поширока воена офанзива.
„Литванија често се споменува во говорите на Путин и треба да се сфати посериозно“, изјави тој.
Петреус жестоко ги критикуваше и двајцата најпознати американски политички лидери. За поранешниот претседател Доналд Трамп рече дека „постојано го смирува Путин“, а за актуелниот претседател Џо Бајден – дека не обезбедил доволно воена поддршка за Украина. Според него, одлуките за испорака на критично оружје, како тенковите М1 Абрамс и авионите Ф-16, доаѓале премногу бавно.
„Дури и слеп човек во темна ноќ би видел дека на Украинците им требаат ловци Ф-16“, истакна Петреус.
Тој посочи дека процесот на одобрување и испорака на оружје бил исполнет со колебливост – од „не“, преку „можеби“, до конечно „да“, што, според него, ја чинело Украина важни позиции на бојното поле.
Поранешниот генерал оцени дека Русија ќе продолжи со својата агресивна надворешна политика сè додека не се соочи со „неприфатливо висока цена“. Тој ја повика и Велика Британија да го преиспита своето учество во меѓународните договори што ја забрануваат употребата на касетна муниција, оценувајќи дека токму тоа оружје може да има клучна улога во одвраќањето на Русија.
Според Петреус, крајната цел на Кремљ е рушење на украинскиот претседател Володимир Зеленски и воспоставување марионетски режим во Киев. Тој предупреди дека доколку Русија успее да ја покори Украина, следната фаза би можела да биде директна закана за НАТО територија.
„Ова не е само украински конфликт – ова е геополитички предизвик од највисок ред за целиот демократски свет“, заклучи Петреус.


