ПОЧНУВА ДРЖАВНАТА МАТУРА Над 15.000 матуранти утре полагаат мајчин јазик

Матурантите кои нема да ја положат матурата во јуни, ќе имаат можност за повторно полагање во августовската сесија

ПОЧНУВА ДРЖАВНАТА МАТУРА Над 15.000 матуранти утре полагаат мајчин јазик
Фото: Принтскрин

Утре започнува државната матура за учебната 2024/2025 година, со полагање на првиот екстерен испит – мајчин јазик и литература, кој е задолжителен за сите матуранти. Испитот ќе го полагаат над 15.000 ученици од средните училишта низ државата.

Според официјалните податоци од Државниот испитен центар (ДИЦ), за годинашната матура се пријавени вкупно 15.004 ученици. Од нив, 8.816 се од средните стручни училишта, 5.966 се ученици од гимназиите, додека 222 се од уметничките училишта.

Од пријавените кандидати, 9.969 ќе полагаат македонски јазик, 4.339 албански јазик, 292 турски јазик, а 10 ученици се пријавиле за полагање на српски јазик.

Вториот екстерен испит, кој е изборен, ќе се одржи на 11 јуни. И годинава, најголем интерес има за англискиот јазик, за кој се пријавени дури 13.457 ученици. За математика ќе полагаат 1.246 кандидати, додека 73 ученици ќе полагаат германски јазик, 24 – француски, 62 – естетика. За филозофија се пријавени седум ученици, четворица за руски јазик и тројца за италијански.

ДИЦ ќе ангажира околу 2.000 тестатори за надгледување на испитниот процес. Испитите ќе се одржуваат во средните училишта кои ги исполнуваат условите според Правилникот за организирање државна матура. За учениците од училишта што немаат соодветни услови, испитите ќе се одржат во амфитеатрите на универзитетските факултети. Локациите за полагање се објавени на официјалната веб-страница на ДИЦ.

Матурантите кои нема да ја положат матурата во јуни, ќе имаат можност за повторно полагање во августовската сесија. Испитот по мајчин јазик и литература ќе се одржи на 12 август, а изборниот екстерен испит ќе се полага на 14 август.

CATEGORIES
TAGS
Share This