ЗАВРШЕНА ИСТРАГАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО ПУЛС Одбраната добива увид во доказите
Дополнително, Коцевски информираше дека истрагата околу улогата на полицајците кои се наоѓале во дискотеката во моментот на пожарот сѐ уште е во тек.

Државниот јавен обвинител Љубомир Коцевски вечерва изјави дека истрагата за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, официјално е завршена. Според Коцевски, од утре започнува увидот на одбраната во прибраните докази.
„По два и пол месеци интензивна работа, истрагата се затвора утре, што значи дека одбраната ќе има можност да изврши увид во предметот. Во наредните 15 дена, тие ќе можат да предложат свои докази, кои Јавното обвинителство ќе ги разгледа пред да донесе конечна обвинителска одлука“, изјави Коцевски во телевизиско гостување.
Тој нагласи дека станува збор за исклучително сложен случај без преседан во историјата на земјата. Во истрагата биле ангажирани дури 13 јавни обвинители, а сите релевантни докази биле обезбедени во рекордно време.
Дополнително, Коцевски информираше дека истрагата околу улогата на полицајците кои се наоѓале во дискотеката во моментот на пожарот сѐ уште е во тек. Не е исклучена можноста за проширување на истрагата, доколку се појават нови докази за нивната евентуална одговорност.
Пожарот избувна на 16 март оваа година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени. Трагедијата ја потресе целата јавност и покрена прашања за безбедносните стандарди и институционалната одговорност.


