СОСТАНОК МУЦУНСКИ-РУБИО Фокус на трговија, безбедност и реформски процеси
Муцунски и Рубио ја нагласија извонредната соработка меѓу двете земји, заснована на заеднички вредности, долгорочно пријателство и заеднички политички интереси.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Вашингтон оствари билатерална средба со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио. Средбата ја потврди силната стратешка поврзаност меѓу Северна Македонија и САД, како и заедничката заложба за регионална стабилност и натамошен развој на билатералните односи.
Муцунски и Рубио ја нагласија извонредната соработка меѓу двете земји, заснована на заеднички вредности, долгорочно пријателство и заеднички политички интереси. Шефот на македонската дипломатија ја потврди посветеноста на Владата кон унапредување на политичкиот дијалог и институционализирање на стратешкото партнерство преку спроведување на заеднички Акционен план.
Особено внимание било посветено на економската соработка и можноста за продлабочување на трговските односи. Муцунски ја истакна подготвеноста на македонската страна за почеток на процесот за склучување Договор за слободна трговија, со цел намалување на тарифите и привлекување нови американски инвестиции.
Во рамки на разговорот било дискутирано и за безбедносната соработка во НАТО, при што Муцунски го потенцирал активниот придонес на земјата како кредибилен сојузник, вклучително и инвестициите во одбранбениот сектор кои надминуваат 2% од БДП. Разговорот вклучил и теми поврзани со стабилноста на Западен Балкан, каде што САД гледаат на Северна Македонија како клучен фактор во регионот.
„Ја завршуваме посетата на Соединетите Американски Држави со значајна средба со државниот секретар Марко Рубио, на која уште еднаш беше потврдена нашата стратешка поврзаност, заедничката заложба за европската интеграција и зајакнување на безбедносната соработка во рамки на НАТО,“ изјави Муцунски по средбата.
Министерот додаде дека од американската страна било добиено цврсто уверување дека партнерството и сојузништвото ќе продолжат со засилен интензитет, особено во делот на реформските процеси, владеењето на правото и борбата против корупцијата.
„Во време на зголемени безбедносни предизвици, од клучно значење е продолжување на заедничката работа за одржување на мирот, стабилноста и просперитетот на глобално ниво,“ заклучи Муцунски.


