ВЛАДАТА НАЈАВУВА ПРОМЕНИ Преземаме драстични мерки за почист воздух
Дали оваа зима ќе биде различна, или пак скопјани повторно ќе се соочат со познатите сиви магли и алармантни ПМ10 вредности - останува да видиме.

Прашањето за чист воздух во Скопје останува отворено и оваа година, и покрај најавените мерки и владини планови. Главниот град со години се бори со алармантно ниво на загаденост, што сериозно го загрозува здравјето на граѓаните и го деградира квалитетот на живеење.
Во последната деценија, Скопје стана симбол на урбано загадување, со малку реални промени на терен. Иако имаше неколку обиди за подобрување на состојбата, тие најчесто беа ограничени на краткорочни и симболични мерки. Граѓаните, видно револтирани, редовно протестираат, но без поголем ефект.
Меѓу главните извори на загадување се градежната индустрија, нееколошките системи за греење и интензивниот сообраќај. Властите годинава најавуваат позасилен ангажман. На вчерашната надзорна расправа на собраниската комисија за здравство, премиерот Христијан Мицкоски посочи дека Владата презема драстични мерки со цел подобрување на квалитетот на воздухот.
„Обезбедуваме финансирање од централниот буџет за општините, особено за проекти поврзани со здрава животна средина – како водоснабдување, третман на отпадни води и организирано управување со отпадот,“ изјави Мицкоски, алудирајќи на недоволно развиените инфраструктурни капацитети, особено во руралните средини.
Според премиерот, затоплувањето на домаќинствата и јавните објекти со фосилни горива е еден од најголемите извори на загадување. Како дел од решението, се најавува изградба на когенеративни гасни централи кои ќе произведуваат и електрична енергија и топлинска енергија.
Во однос на градежната прашина, Владата се фокусира на засилување на инспекцискиот надзор и повикува граѓаните да пријавуваат нерегуларности.
„Дисциплината на градежните компании не е на завидно ниво,“ призна премиерот, додавајќи дека јавноста има улога во справување со проблемот.
Дополнително, Мицкоски ја нагласи потребата од намалување на загадувањето од транспортот, кој според анализите е втор по интензитет. Тој најави набавка на 120 електрични автобуси преку Министерството за транспорт, со цел модернизација на јавниот превоз во Скопје и други општини.
„Овие автобуси ќе бидат распределени пропорционално и ќе бидат придружени со комплетна инфраструктура за полнење,“ рече Мицкоски, подвлекувајќи ја важноста на железничкиот транспорт како еколошка и економска алтернатива.
Иако изјавите на премиерот покажуваат свесност и политичка волја за решавање на проблемот, останува неизвесно дали мерките ќе дадат реални резултати пред следната есенска сезона. Историјата покажува дека без долгорочна стратегија и доследна примена на политиките, Скопје и понатаму може да остане еден од најзагадените градови во Европа.
Дали оваа зима ќе биде различна, или пак скопјани повторно ќе се соочат со познатите сиви магли и алармантни ПМ10 вредности – останува да видиме.


