РУСИЈА ЌЕ СЕ РАСПАДНЕ ДО 2028 ГОДИНА Поранешен генерал на Путин предупредува: Сè оди според планот, но не според рускиот план
Пензионираниот руски генерал Леонид Ивашов повикува на мирна промена на власта во Кремљ и предупредува дека војната во Украина ја води Русија кон дезинтеграција.

Русија би можела да се распадне во сегашната форма веќе до 2027 или 2028 година, доколку продолжи актуелниот курс на Кремљ и војната против Украина, предупредува пензионираниот руски генерал Леонид Ивашов (83), поранешен висок воен функционер кој служел и за време на владеењето на Владимир Путин.
Ивашов оценува дека војната нанесува огромна штета врз Русија и дека последиците сè повеќе ги чувствуваат обичните граѓани. Тој повикува на мирна промена на власта во Кремљ, предупредувајќи дека алтернативата би можела да биде насилен бунт со непредвидливи последици. Неговите оценки, пренесени од британскиот „Дејли експрес“, претставуваат остра критика на политиката на Путин, но и предупредување за иднината на руската држава.
„Русија нема да има. Истото ќе се случи и овде. Денес е потребен мирен државен удар. Не бунт, ние веќе сме подготвени за бунт, а тоа би било застрашувачки, туку мирна промена на власта“, изјавил Ивашов.
Тој иронично се осврнал и на честите тврдења на Путин дека сè оди според планот.
„Целосно се согласувам со тој заклучок. Сè оди според планот, само не според рускиот план. Штетата предизвикана од војната е огромна. Мојот заклучок е дека Русија ќе заврши во 2027 или во 2028 година. Ќе се распадне“, предупредил пензионираниот генерал.
Според податоците на независниот руски медиум „Медијазона“, досега се потврдени најмалку 285.881 загинати руски војници во војната против Украина. Станува збор за потврдени случаи, што значи дека реалниот број на загинати може да биде поголем.
Ивашов го доведува во прашање и официјалниот наратив за неприкосновената поддршка на Путин, посочувајќи дека, според неговите набљудувања, во Русија се забележуваат знаци на замор од војната. Како еден од показателите го наведува сè пореткото присуство на воениот симбол „Z“, кој стана препознатлив знак на руската инвазија врз Украина. Според неговите тврдења, на Крим сè почесто се покривале или отстранувале ознаките „Z“ од возила и згради, додека руските знамиња биле сè помалку видливи.
И покрај ваквите сигнали, Путин засега не покажува намера да ја прекине војната, која трае повеќе од четири години. Наместо тоа, рускиот претседател продолжува да ја префрла одговорноста за конфликтот врз Киев. За време на неодамнешниот престој во кинескиот град Шенжен, Путин изјавил дека Русија не ја започнала војната, ниту пак која било друга војна, туку дека само се обидува да ја заврши.
На предупредувањата за можен распад на Русија и потребата од промена на власта во Кремљ се надоврза и украинскиот претседател Володимир Зеленски, но со поинаква порака.
Во обраќањето пред Парламентарното собрание на НАТО, Зеленски ги повика западните сојузници да не очекуваат дека Русија автоматски ќе стане мирна и безбедна држава, дури и ако во иднина дојде до политички промени.
„Дали некој друг овде верува дека еден ден Русија едноставно повторно ќе стане мирна и безбедна? Само погледнете ги последните сто години од руската историја. Можеби имало неколку години во кои Русија навистина не претставувала закана. Сè друго било обележано со закани“, порача Зеленски.
Тој наброја дека руското дејствување низ децениите било проследено со студени, хибридни, трговски и идеолошки војни, како и со вооружени конфликти.
„Нема причина да се верува дека Русија ќе стане поинаква земја за една или пет години“, заклучи украинскиот претседател.

