ВНИМАНИЕ ВОЗАЧИ Нови затворања и измени на патиштата, АМСМ објави каде ќе има пренасочување

На автопатот Велес–Неготино и експресниот пат Градско–Дреново се воведува изменет режим на сообраќај, додека на повеќе други делници има градежни работи, семафори и наизменично пропуштање на возила.

ВНИМАНИЕ ВОЗАЧИ Нови затворања и измени на патиштата, АМСМ објави каде ќе има пренасочување
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта денеска се одвива непречено, но на повеќе патни правци низ земјава се во сила времени измени на режимот на сообраќај поради градежни активности, санации и реконструкции. Од АМСМ информираат дека коловозите се наместа влажни на повисоките места во западните делови од државата, додека во останатите региони претежно се суви.

Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од 25 ноември до 31 декември 2026 година ќе има времен режим на сообраќај на експресниот пат А1, на делницата Градско – клучка Дреново, поради санација на асфалтните површини. Сообраќајот ќе се пренасочува и регулира согласно поставената сигнализација.

Во истиот период ќе има изменет режим и на автопатот А1, на делницата Велес – Неготино, во зоната на клучката Градско, исто така поради санациони работи на асфалтот.

Измени има и на експресниот пат Штип – Радовиш, во близина на клучката Бучим. Таму од 24 ноември се изведуваат градежни активности за замена на оштетена еластомерна дилатација на мостот на километар 26+913. Поради работите поставени се семафори, а сообраќајот се одвива наизменично.

АМСМ информира и за повеќе други патни правци на кои се применува времен режим на сообраќај:

  • Калишта – Радожда, кај месноста Елен Камен: Сообраќајот се одвива наизменично, по една сообраќајна лента, со наизменично пропуштање на возилата.

  • Кичево – Охрид, од Пресека до Песочан и клучката Арбиново: Во тек се работи за санација на левиот коловоз, поради што е воведен времен режим на сообраќај.

  • Гостивар – Кичево: Се врши санација на мостот број 63, на реката Тајмишка, при што сообраќајот се одвива според времен режим.

  • Струга – Дебар: Во тек се активности за реконструкција на инекционата завеса на браната Глобочица, поради што има изменет режим на сообраќај.

  • Гевгелија – ГП Богородица: До 15 април 2027 година ќе биде во сила времен режим. Сообраќајот во делот од исклучувањето за Гевгелија до граничниот премин се пренасочува на спротивната страна од автопатот, каде се одвива двонасочно.

  • Граничен премин Делчево: Поради реконструкција е воведен времен режим, но граничниот премин функционира непрекинато.

  • Штип: Во тек е санација на мостот на реката Брегалница на регионалниот пат Р1204, со времен режим на сообраќај.

  • Косоврасти – Мелнички Мост: Се врши санација на свлечиште на регионалниот пат Р1202, а изменетиот режим ќе важи до завршување на работите.

  • Прилеп – Битола: Поради активностите на Коридорот 10Д, сообраќајот се пренасочува на регионалниот пат, на потегот од клучката Лагово до Тополчани.

  • Прилеп – Крушево – Сладуево: Поради санација на оштетувања на коловозот, целосно е затворен потегот од Мало Коњари до Кривогаштани, а сообраќајот се пренасочува по алтернативна делница.

  • ГП Блаце – Скопје: На повеќе делници се изведуваат градежни работи, а сообраќајот се одвива според времен режим.

  • Кичево – Охрид: Поради градежни активности на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации.

АМСМ со предупредување за одрони и зимска опрема

Од АМСМ апелираат возачите да ја приспособат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони.

Посебно внимание се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 15 ноември 2026 година започна и законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе трае до 15 март 2027 година, без оглед на моменталните временски услови.

Дополнително, од 17 ноември патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е затворен за сообраќај за сите видови возила поради сезонскиот режим.

CATEGORIES
Share This