338 МИЛИОНИ ЕВРА ОД БРИСЕЛ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН – ЕУ најави и пристап до европскиот пазар пред членството

Македонија е меѓу трите земји за кои се најавува дополнителна финансиска помош, а од почетокот на следната година Европската комисија ќе започне разговори за пристап до делови од Единствениот пазар уште пред полноправното членство.

338 МИЛИОНИ ЕВРА ОД БРИСЕЛ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН – ЕУ најави и пристап до европскиот пазар пред членството
Фото: Принтскрин

Европската Унија ја отвора можноста за постепено вклучување на земјите од Западен Балкан во Единствениот европски пазар и пред нивното полноправно членство, а Македонија, Албанија и Црна Гора во наредните недели би можеле да добијат дополнителна финансиска помош од вкупно 338 милиони евра. Ова го најавија претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел.

Кошта порача дека членството во Европската Унија е реална и остварлива можност за земјите од регионот, но ги повика владите да го задржат реформското темпо и да ги исполнат преземените обврски.

„Одржете го темпото и спроведете ги реформите што ќе ве доведат во Европската Унија. Проширувањето е реална можност и таа треба да се искористи“, изјави Кошта.

Како потврда дека процесот на проширување може да се придвижи, тој ги посочи Црна Гора и Албанија. За Црна Гора веќе е започнато изготвувањето на Договорот за пристапување, што, според Кошта, е чекор кој не бил направен повеќе од една деценија, додека Албанија бележи брз напредок во преговорите и веќе ги затвори првите преговарачки поглавја.

Една од најзначајните најави од самитот е дека Европската комисија на почетокот на следната година ќе започне разговори со секоја од земјите партнери од Западен Балкан за можностите за пристап до одделни делови од Единствениот пазар на ЕУ, уште пред полноправното членство. Фон дер Лајен оцени дека нема потреба граѓаните и економиите од регионот да чекаат до формалното пристапување за да ги почувствуваат придобивките од европската интеграција.

„Не мораме да чекаме до пристапувањето за да ги приближиме нашите луѓе и економии“, порача претседателката на Европската комисија.

Таа објасни дека постепеното отворање на европскиот пазар ќе зависи од спроведувањето на реформите, при што компаниите од регионот ќе мора да работат според еднакви правила и услови на конкуренција.

Фон дер Лајен соопшти дека има напредок во спроведувањето на реформите во рамките на Планот за раст за Западен Балкан. Додека пред една година земјите од регионот имале реализирано 38 проценти од реформските чекори за кои истекол рокот, сега реализацијата достигнала 63 проценти. Според неа, постигнатиот напредок би можел во наредните недели да овозможи исплата на дополнителни 338 милиони евра за Албанија, Црна Гора и Северна Македонија.

Како конкретни придобивки од постепеното приближување кон Унијата, таа ги посочи и вклучувањето на четири регионални партнери во Единствената област за плаќања во евра (SEPA), со што се овозможуваат побрзи и поевтини прекугранични трансакции, како и започнатите преговори за мобилен роаминг по цени што важат во домашниот сообраќај.

Претседателката на Европската комисија нагласи дека приемот на нови членки не е само интерес на земјите кандидати, туку и на самата Европска Унија.

„Светот околу нас брзо се менува. Колку посилна и пообединета е Европа, толку подобро ќе можеме да се соочиме со предизвиците“, изјави Фон дер Лајен.

Таа оцени дека Црна Гора е блиску до завршување на пристапните преговори, додека Албанија брзо напредува кон истата цел. Европската комисија веќе претставила патокази за двете земји, со утврдени приоритети за следната фаза од преговорите. На самитот било разгледано и влијанието што идното проширување ќе го има врз институциите, политиките и буџетот на Европската Унија.

Фон дер Лајен ја истакна и регионалната соработка, зголемувањето на трговијата меѓу земјите од Западен Балкан, меѓусебното признавање на професионалните квалификации и функционирањето на зелените коридори за побрз транспорт на стоки. Според неа, вистинскиот успех на проширувањето ќе се мери преку конкретните промени во животот на граѓаните, особено преку поголемите можности за младите и бизнисите.

Самитот во Брисел помина без претставник на Србија. Кошта отсуството го објасни со преодната политичка фаза низ која, според него, моментално минува земјата. Србија беше и единствената земја од регионот која не ја поддржа декларацијата од самитот, во која се нагласува значењето на помирувањето, добрососедските односи и почитувањето на европските вредности.

Во документот се наведува дека величењето на воени злосторници, негирањето на геноцидот и историскиот ревизионизам се спротивни на основните европски вредности. Со самитот во Брисел, Европската Унија испрати порака дека процесот на проширување останува отворен, но истовремено дека брзината на приближувањето ќе зависи од реформите, политичката волја и исполнувањето на обврските на секоја од земјите кандидати.

МИЦКОСКИ ОД БРИСЕЛ СО НАЈАВА ЗА УШТЕ 75 МИЛИОНИ ЕВРА Доста е од билатерализација, да зборуваме за резултати

CATEGORIES
Share This